Негодувањето доаѓа откако администрацијата на Трамп ја преде контролата врз центарот „Кенеди“. Во февруари американскиот претседател Доналд Трамп го разреши претседателот на бордот на директори и 13 члена и именувајќи се себеси за нов претседател и назначувајќи го блискиот соработник Ричард Гренел за привремен лидер. Меѓу новите членови на одборот е и Уша Венс, која претходно работеше во управниот одбор на Симфонискиот оркестар на Синсинати
Американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс беше пречекан со свирежи и негодувања од публиката по пристигнувањето на концертот на Националниот симфониски оркестар во Вашингтон.
Додека се одржуваа вообичаените најави пред концертот, во ложата влегоа Венс и неговата сопруга Уша, што предизвика гласни извици и протести во салата, со што најавите станаа речиси нечујни, пренесува „Гардијан“.
WATCH: JD Vance was met with massive boos at a concert at the Kennedy Center tonightpic.twitter.com/M5DuWzcche
— Republicans against Trump (@RpsAgainstTrump) March 14, 2025
Овој вид отворен политички протест ретко се гледа во инаку резервираниот свет на класичната музика. Венс иронично ѝ одговори на публиката со насмевка и мавтање додека некои му викаа:
„Ти го уништи ова место!“.
Безбедносните проверки на Тајната служба поради доаѓањето на потпретседателот го одложија почетокот на концертот за 25 минути.
Негодувањето доаѓа откако администрацијата на Трамп ја презеде контролата врз центарот „Кенеди“. Во февруари американскиот претседател Доналд Трамп го разреши претседателот на бордот на директори и 13 члена, именувајќи се себеси за нов претседател и назначувајќи го блискиот соработник Ричард Гренел за привремен лидер. Меѓу новите членови на одборот е и Уша Венс, која претходно работеше во управниот одбор на Симфонискиот оркестар на Синсинати.
Трамп: Нема повеќе „воук“ содржини
Трамп јасно стави до знаење кога го презеде центарот „Кенеди“ дека сака да го промени културниот правец на институцијата.
„Го презедовме центарот ‘Кенеди’. Не бевме задоволни од програмата и разни други работи. Ќе се погрижиме да биде квалитетна и да нема повеќе „воук’ содржини во оваа земја“.
рече тогаш Трамп.
Новите членови на одборот неодамна направија обиколка на центарот, кој е домаќин на околу 2 000 претстави годишно, вклучувајќи ги и настапите на Вашингтонската опера и Националниот симфониски оркестар.
Необичен момент на концертот со руски репертоар
Таа вечер се случи уште еден ироничен момент. Концертот започна со изведба на Вториот концерт за виолина на Дмитри Шостакович, со солистот Леонидас Кавакос, а продолжи со Стравински и неговиот балет Петрушка.
За време на паузата, публиката коментираше за соодветноста на исклучиво руската програма, со оглед на тоа што Венс жестоко го нападна украинскиот претседател Володимир Зеленски во Овалната соба во февруари, што му одеше во прилог на рускиот претседател Владимир Путин.
Расте отпорот кон контролата на Трамп врз центарот „Кенеди“
Во културните кругови веќе се чувствува отпор кон контролата на Трамп врз центарот „Кенеди“. Продуцентите на хит-мјузиклот „Хамилтон“ ја повлекоа турнејата од центарот, а некои уметници ги откажаа настапите.
На бесплатниот концерт во „Милениум“, во фоајето на центарот, изведувачите Нора Браун и Стефани Колман држеа транспаренти на кои пишуваше: „Вратете ја квир-програмата“ и „Креативноста во центарот Кенеди не смее да се задушува“.
Администрацијата на Трамп веќе го навлече гневот на културната заедница откако центарот „Кенеди“ во февруари го откажа концертот на геј машкиот хор од Вашингтон, кој требаше да се одржи во мај како дел од прославата на гордоста.
Венс неодамна изјави дека американската култура ги наведува младите мажи да ја потиснат својата машкост.
Венс неодамна се здоби со репутација на културен конзервативец и често ја критикува културата на отфрлање (cancel culture). За време на неговиот говор на Конференцијата за политичко дејствување на конзервативците (CPAC) во февруари, тој зборуваше за наводниот општествен притисок врз младите мажи.
„Нашата култура испраќа порака до младите мажи да ја потиснат својата машкост, да се дистанцираат од своите семејства, да го отфрлат она што ги прави мажи. Мојата порака до младите мажи е: не дозволувајте ова скршено општество да ви каже дека сте лоша личност само затоа што сте маж“,
изјави тогаш Венс.
Трамп во февруари на социјалната мрежа Икс објави:
„Нема повеќе драг шоу и друга антиамериканска пропаганда – само најдобрите“.
Минатата сабота, драг изведувачите одржаа протест пред центарот „Кенеди“ за да се спротивстават на нападите врз нивната работа.