„Значи, идејата е добра, и ние апсолутно ја поддржуваме, но има прашања што треба да ги разговараме и мислам дека треба да преговараме со нашите американски колеги и партнери, можеби преку телефонски повик со претседателот Трамп, но самата идеја да се стави крај на овој конфликт со мирни средства ние ја поддржуваме“, изјави денеска рускиот претседател
Рускиот претседател Владимир Прутин денеска изјави дека Русија се согласува со предлогот на Соединетите Американски Држави (САД) за прекин на огнот во Украина, но додаде дека „има нијанси“ и дека секој договор треба да води кон долгорочен мир, пренесоа светските медиуми.

„Се согласуваме со предлогот за прекин на непријателствата. Но, ние тргнуваме од фактот дека овој прекин на огнот треба да доведе до траен мир и треба да ги отстрани основните причини за оваа криза“,
рече тој одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конфренција со белорускиот претседател, Александар Лукашенко во Москва.
Путин рече дека во предлогот има неодговорени прашања, а едно од нив, кое го спомена, е што да се прави со упадот на Украина во руската област Курск.
„Ако имаме прекин на огнот, дали тоа значи дека сите ќе одат оттаму? Дали треба да ги ослободиме (украинските војници) откако извршија злосторства против населението? Или украинското раководство ќе им нареди да се предадат? Што ќе се случи таму? Тоа не е јасно“,
рече рускиот претседател.
Тој, исто така, се осврна и на други, како што наведува „Гардијан“ пошироки прашања во врска прекинот на огнот, бидејќи, наведе,тоа би можело да ѝ даде шанса на Украина дополнително да се вооружи и да напредува во воена смисла.
„Како ќе се решаваат другите аспекти по должината на контактната линија од 2 000 километри? Како што знаете, руските трупи напредуваат практично во секој сектор на контактната линија“. Значи, што би се случило во текот на тие 30 дена? Дали тоа би ѝ овозможило на Украина да продолжи со принудна мобилизација, снабдување со оружје за да може новомобилизираните единици да бидат обучени, или тоа нема да се направи?“,
наведе Путин.
Дополнително, тој го постави и прашањето, кој би го надгледувал прекинот на огнот.
„Кој ќе даде наредба за прекин на непријателствата? Кој ќе одредува каде има прекршување на можниот договор за прекин на огнот долж линијата од 2000 километри и кој е виновен? Кој ќе биде обвинет за прекршување на примирјето?“,
рече рускиот претседател.
Во таа насока, тој рече дека сите овие прашања треба внимателно да се проучат од двете страни.
„Значи, идејата е добра, и ние апсолутно ја поддржуваме, но има прашања што треба да ги разговараме и мислам дека треба да преговараме со нашите американски колеги и партнери, можеби преку телефонски повик со претседателот Трамп, но самата идеја да се стави крај на овој конфликт со мирни средства ние ја поддржуваме“,
рече Путин.
Путин му се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп „за тоа што му посветува толку многу внимание на решавањето на конфликтот во Украина.“
Тој исто така им се заблагодари на лидерите на Кина, Индија, Бразил и Јужна Африка за нивната „благородна мисија да ги запрат борбите и жртвите,“ со што сигнализираше можност овие земји да бидат вклучени во договорот за примирје, пренесе Дојче веле.
Русија изјави дека нема да прифати мировни сили од ниту една членка на НАТО за надгледување на можниот прекин на огнот.
Ова е прва изјава на рускиот претседател, откако претходно оваа недела, делегациите од Киев и Вашингтон се согласија на предложениот 30-дневен прекин на огнот предложен од американскиот претседател Доналд Трамп на состанокот во Саудиска Арабија.