Одговарајќи на новинарски прашања, премиерот изрази жалење што новиот министер за надворешни работи на Бугарија, како што рече, заборава дека добрососедските политики се темелна вредност на европските вредности, без разлика дали некој е или не е дел од ЕУ
Ако промената на Уставот не е директно мешање во внатрешните работи на една суверена и независна држава, тогаш навистина не знам што е – изјави премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ја вчерашната реакција на Министерството за надворешни работи на Бугарија, од каде што оценија дека е зачудувачки што преземените обврски од страна на земјава се доживеани како мешање во внатрешните работи од страна на македонскиот премиер.

Одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски изрази жалење што новиот министер за надворешни работи на Бугарија, како што рече, заборава дека добрососедските политики се темелна вредност на европските вредности, без разлика дали некој е или не е дел од Европската Унија.
„Би се повикал и на меѓународното право, на Конвенцијата за заштита на правата на заедниците и тука не можам, а да не го коментирам правото на македонската заедница во Бугарија, којашто се темели на 14 пресуди од Судот за човекови права, да го реализира и тука треба ние сите како граѓани да дадеме поддршка на македонската заедница во Бугарија, која, за жал, во 21 век во земја членка на ЕУ не може тоа право да го оствари и тоа нема никаква врска со внатрешните работи, туку исклучиво на резолуцијата за заштита на човековите права чиј ратификатор е и нашиот источен сосед и наш партнер во НАТО“,
изјави Мицкоски.
Прашан за коментар на вчерашната изјава на евроамбасадорот Михалис Рокас, кој рече дека постои интензивна дипломатска активност за решавање на спорот со Бугарија и оти се надева дека за два-три месеци ќе може да се откочи процесот на патот кон ЕУ, премиерот вели дека можната деблокада може да се случи и задутре, но оти тоа не зависи од нас, туку од некои други фактори.
„Ние не сме како некои поранешни политичари тоа да го гледаме како егзибиционизам, кариеризам и нешто што е сосема спротивно од очекувањата, интересите и заштита на националните интереси на граѓаните. Така што, македонските граѓани и државата во целина очекуваат вистински пат во ЕУ, нешто што го очекуваат 20 години, коешто ќе се темели на Копенхшките критериуми, на систем базиран на заслуги – истото, ни помалку ни повеќе – што го добија сите земји членки коишто пристапија, а не билатерализација и решавање на билатерални спорови“,
изјави премиерот одговарајќи на новинарски прашања.
Додаде оти земјава не смее да дозволи нејзината европска иднина да зависи од решавање на билатерални прашања кои, како што рече, немаат врска со 21 век, туку со нешто што се случувало во средниот век.