Според Јаневска, овој меморандум е од многу големо значење затоа што капацитетите на Министерството се на многу ниско ниво и тоа нема да може ги извршува секојдневните потреби и да ги испорача услугите кон граѓаните, во овој случај, кон училиштата и сите други образовни институции

Студенти од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во Скопје ќе му помагаат на Министерството за образование и наука (МОН) во унапредување на дигиталното работење и забрзување на процесот на дигитализација на образованието.
Министерката Весна Јаневска и деканот на ФИНКИ, Боро Јакимовски, денеска потпишаа меморандум за соработка со кој студентите ќе дадат поддршка на тековното одржување на дел од информациските системи и дигитални платформи со кои располага Министерството и ќе учествуваат во креирање и имплементација на нови техничко-технолошки решенија и дигитални услуги во воспитно-образовниот процес.
Сепак, за нова зграда во која ќе ги стекнуваат знаењата ќе треба да почекаат уште неколку години. Министерката Јаневска денеска даде потврда дека зградата ќе биде изградена во текот на нејзиниот мандат.
„Процедурата е во тек. Она што со сигурност можам да го кажам е дека зградата на ФИНКИ во овој мандат ќе биде изградена“,
рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање за време на потпишувањето на меморандумот.
Јаневска рече дека согласно договореното, Факултетот ќе организира и спроведува едукативни активности во форма на обуки, работилници и семинари за стручно усовршување на вработените во Министерството, а од друга страна, Министерството ќе поддржи практично усовршување на студентите од овој факултет.
Според Јаневска, во процес на една технолошка ера и неопходна дигитализација на општеството која значи побрза, поефикасна услуга, но и борба против криминал и корупција, овој меморандум е од многу големо значење затоа што капацитетите на Министерството се навистина на многу ниско ниво.
„Мислам дека ова не се само слабости на МОН, ова се слабости на целата администрација во државата и јас ќе ги посочам оние што ние ги имаме. Ние имаме многу вработени, но Министерството за образование и наука нема капацитет за да може ги извршува своите секојдневни потреби и да ги испорача услугите кон граѓаните, во овој случај, кон училиштата и сите други образовни институции“,
рече министерката.
Студентите, рече таа, ќе имаат можност да видат како функционира една јавна институција, односно ова министерство.
„Ние од нивната помош ќе добиеме квалитетни методи, инструменти, начини и помош, реална помош на многу ретките информатичари кои ги имаме во Министерството. Студентите ќе учествуваат во креирање и имплементации на нови техничко-технолошки решенија во воспитно-образовниот процес, а со нивното знаење се очекува да се прошири и листата на дигитални услуги кои ќе им бидат достапни на граѓаните, односно на учениците, студентите, наставниците, родителите“,
додаде таа.
Деканот на ФИНКИ, пак, рече дека образовната установа и досега му помагаше на МОН, но отсега во активностите ќе бидат вклучени и студентите за кои, како што рече, убеден е дека имаат потенцијал не само да препознаваат, туку да креираат решенија за сложени предизвици во ИТ-сферата.