„Мислам дека во наредниот период и сите услуги што Катастарот ги нуди електронски ќе успееме да ги закачиме на порталот”, вели министерот

Имотен лист, како и пет други најкористени услуги од Агенцијата за катастар на недвижности од оваа недела се достапни на националната веб-страница за електронски услуги uslugi.gov.mk.
Како што информира министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, во сите центри за услуги во Скопје во Општина Аеродром, Јегуновце, Куманово, Охрид, Битола и во Тетово граѓаните ќе можат да извадат ваков документ преку електронска услуга од катастарот.
„Тоа практично значи дека шалтерите од катастарот ги прошируваме низ целата држава и во нашите центри за услуги. Извод од катастарски план, промени, мислам дека тие се најкористените. Мислам дека во наредниот период и сите услуги што Катастарот ги нуди електронски ќе успееме да ги закачиме на порталот”,
рече министерот во синоќешното гостување во „Тема на денот“ на ТВ Сител.

Тој истакна и дека со измените на Законот за електронски документи од 1 јануари секој документ што ќе се испечати од порталот, односно електронски документ, ќе може да се користи како традиционален документ, со син печат.
„Што значи дека овие документи имаат електронски печат, електронски потпис, времен жиг кој точно утврдува кој го произвел, кој го потпишува и во кое време, што значи имаат полноправна валидност и ќе можат да се користат”,
рече Андоновски.
Андоновски додаде и дека фокусот на Министерството е во два правци од кои едниот е дигитализирање на услугите што граѓаните најмногу ги користат.
„Нашиот фокус сега е да одиме во два правци. Едниот правец е да ги дигитализираме услугите што граѓаните најмногу ги користат за да ја поткренеме свесноста дека постојат вакви електронски услуги и секако паралелно со тоа да одиме со оние институции коишто се најподготвени за брза дигитализација на нивните услуги”,
додаде тој.
Според него, речиси 90 отсто од услугите се дигитализирани и во Регулатоната комисија за енергетика што значи дека преку uslugi.gov.mk граѓаните може да си ја завршат работата.