Во изјава за ТВ 21, потпретседателот на ДУИ вчера рече дека на повидок е длабока политичка криза во државата доколку не се врати „балансерот“ и ако со одлука на Уставниот суд се загрози употребата на албанскиот јазик. Во тој случај, како што рече Бујар Османи, во услови на политичка криза, нема да има ниту локални избори
Човекот што преговараше и го распродаваше мојот македонски идентитет и македонскиот јазик има најмал кредибилитет да зборува, зашто ако тој мене не ме почитува, не го почитува ни својот албански јазик – изјави премиерот Христијан Мицкоски обраќајќи му се директно на потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи.
Во изјава за ТВ 21, Османи вчера рече дека на повидок е длабока политичка криза во државата доколку не се врати „балансерот“ и ако со одлука на Уставниот суд се загрози употребата на албанскиот јазик. Во тој случај, како што рече потпретседателот на ДУИ, во услови на политичка криза, нема да има ниту локални избори.

Прашан да ја коментира изјавата на Османи, премиерот рече дека со неа тој директно се меша во правосудниот систем, што, како што вели, е спротивно од демократиите во современото општество, а уште повеќе на европските демократски вредности.
„Морам да кажам дека утрово разговарав со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски којшто разговараше со, би рекол, голем дел од претставниците на меѓународната заедница во и надвор од државата. Дел од нив рекоа дека и лично разговарале со претставници на ДУИ и дека ова кај нив предизвикало многу негативни емоции и големо разочарување бидејќи еден од основните постулати во демократијата е немешање во правниот поредок на една суверена демократска држава“,
изјави Мицкоски.
Најавата на опозициската ДУИ за бојкот на локалните избори и предлогот за одржување предвремени парламентарни избори, според Мицкоски, е одраз на стравот и паниката која, како што рече, се гледа од коментарите на челниците на Демократската унија за интеграција.
„Секој има право да избере начин како политички ќе функционира. Тоа е нивен избор, државата има институции, има Влада. Политичката партија ДУИ функционираше во владата 20 и кусур години, ги погази сите принципи, беше пример за двојни стандарди, во последните години од своето функционирање беше пример за основани сомненија за криминал и корупција и мислам дека таму владее една паника и страв што се гледа од коментарите на овие челници на ДУИ, а за што станува збор многу скоро ќе биде сведок јавноста“,
додаде премиерот.
Во емисијата „Дејли клик“ на ТВ 21, потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, вчера рече дека во состојба кога се деградираат правата на Албанците не може да се одржуваат избори, а без враќање на „балансерот“, легитимитетот и гаранција на албанскиот јазик, како што рече, ќе има политичка криза.