Ваквите изјави на американскиот претседател се речиси целосно спротивни во однос на оние од пред десетина дена, кога говорејќи пред медиумите ја обвини Украина дека таа е виновна за војната и го прекори Зеленски затоа што порано не ги започнал мировните преговори
Во пресрет на денешната средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, шефот на Белата куќа, Доналд Трамп, изјави дека има голема почит кон својот украински колега, а на прашање на Би-би-си дали ќе се извини што неодамна го нарече диктатор, американскиот претседател рече оти не верува дека кажал такво нешто.
Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, пред вчерашната средба со британскиот премиер Кир Стармер во Белата куќа / Фото: EPA-EFE/WILL OLIVER
Одговарајќи на новинарски прашања по средбата со британскиот премиер Кир Стармер во Белата куќа вчера, претседателот на САД за Зеленски рече оти е многу храбар.
Дополнително тој рече дека очекува многу добар состанок со Зеленски, додавајќи дека напорите за постигнување мир во Украина се одвиваат прилично брзо.
Ваквите изјави на американскиот претседател се речиси целосно спротивни во однос на оние од пред десетина дена, кога говорејќи пред медиумите ја обвини Украина дека таа е виновна за војната и го прекори Зеленски затоа што порано не ги започнал мировните преговори.
„Три години сте таму… Требаше да ставите крај… Никогаш не требаше да го започнете ова. Можевте да направите договор“, рече Трамп минатиот вторник.
Вчера, пак, одговарајќи на прашања на новинарите за претстојната средба со Зеленски во Белата куќа, на која се очекува да биде потпишан договорот меѓу САД и Украина за ретки минери, Трамп рече дека очекува многу добар состанок и дека многу добро ќе се сложат со украинскиот претседател.
На прашањето дали сè уште смета дека Зеленски е диктатор, Трамп одговори:
„Дали јас го кажав тоа? Не можам да верувам дека сум го кажал тоа“.
Зеленски, според неговите изјави деновиве, се надева дека на средбата со Трамп ќе добие некакви безбедносни гаранции за својата земја што ќе го поддржат секој мировен договор за кој може да се преговара.
Запрашан за ова вчера, американскиот претседател изјави дека е „отворен за многу работи“, но дека сака да ги натера Русија и Украина да постигнат договор пред да одлучат какви мерки би можеле да се применат за да тој да биде спроведен.
За време на денешната посета на Зеленски на САД и средбата со Трамп, украинскиот претседател се очекува да потпише договор со кој на САД ќе им биде овозможен пристап до минералните ресурси на Украина.
Трамп посочи дека присуството на американски рударски концерни во Украина ќе дејствува како штит за евентуални идни руски напади врз земјата.
Британскиот премиер претходно изјави дека Велика Британија е подготвена да испрати војници во Украина како дел од мировните сили што би биле распоредени по војната, но само доколку САД, како водечката членка на НАТО, обезбедат својата поддршка.
Од вчерашната средба на американскиот претседател Доналд Трамп со британскиот премиер Кир Стармер во Белата куќа / Фото: EPA-EFE/WILL OLIVER
На прашањето дали САД ќе им помогнат на британските мировници доколку бидат нападнати од Русија, Трамп рече:
„Британците имаат неверојатни војници, неверојатна војска и можат да се грижат за себе. Но, ако им треба помош, јас секогаш ќе бидам со Британците, во ред?“
Во меѓувреме високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, која требаше да се сретне со американскиот државен секретар Марко Рубио во Вашингтон пред тој да ги откаже разговорите „поради проблеми со распоредот“, за Би-би-си изјави дека Путин и Русија „не сакаат да има мир“.
„За да функционира секој мировен договор, потребни се Европејците, како и Украинците“, додаде таа.
По соборувањето на прорускиот претседател на Украина во 2014 година, Москва го анектира црноморскиот полуостров Крим и ги поддржа проруските сепаратисти во крвавите борби во источна Украина.
Конфликтот прерасна во сеопфатна војна кога Русија ја нападна Украина на 24 февруари 2022 година.
Се проценува дека стотици илјади луѓе, повеќето војници, се убиени или повредени, а милиони украински цивили ја напуштиле земјата.
Покрај Крим, Русија ги анектираше и четирите области – Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон.
Кремљ вчера предупреди дека Русија нема да направи територијални отстапки за Украина како дел од мировниот договор.
„Сите територии кои станаа субјекти на Руската Федерација се составен дел на нашата земја, Русија. Ова е апсолутно неоспорен факт за кој не може да се преговара“, изјави вчера портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Вчера, руски и американски претставници се состанаа во турскиот град Истанбул на разговори за обнова на дипломатските врски, двете нуклеарни сили го повлекоа својот персонал од амбасадите во Москва и Вашингтон за време на мандатот на претходниот претседател на САД, Џо Бајден.