За потсетување, случајот беше откриен завчера, кога при преземање дејствија од нивна надлежност, полициски службеници од областа Брчко во БиХ, под надзор на Обвинителството на БиХ и во соработка со Одделот за социјална заштита на округот Брчко и Црвениот крст, пронајдоа 31 дете и ги однесоа на безбедно
Вкупно осум лица се уапсени откако во куќа во Брчко полицијата пронајде 31 дете. Меѓу уапсените е и сопственичката на куќата во која се затекнати децата, а таа е спроведена на понатамошна постапка во Окружното обвинителство Брчко, објави „кликс.ба“.
Уапсените се осомничени за кривични дела трговија со луѓе, трговија со деца и занемарување или злоупотреба на деца.
За потсетување, случајот беше откриен завчера, кога при преземање дејствија од нивна надлежност, полициски службеници од областа Брчко во БиХ, под надзор на Обвинителството на БиХ и во соработка со Одделот за социјална заштита на округот Брчко и Црвениот крст, пронајдоа 31 дете и ги однесоа на безбедно.
Инспекторите активно работат на овој случај, а по досегашните апсења, четири од вкупно осум лица се предадени во надлежност на Окружното обвинителство Брчко за понатамошно постапување. Меѓу веќе приведените во обвинителството е и сопственичката на куќата во која се пронајдени децата.
Портпаролката на полицијата во округот Брчко, Џевида Хукичевиќ, денеска изјави дека истрагата за инцидентот е сложена и вклучува повеќе линии на дејствување, со преземање итни истражни дејствија.
„Под надзор на предметниот обвинител, полициските службеници од округот Брчко на БиХ ги преземаат сите неопходни дејствија за прибирање докази како приоритет, при што е постигната соработка со Државната агенција за истраги и заштита (СИПА), Министерството за внатрешни работи на Република Српска и Министерството за внатрешни работи на херцеговско-неретванскиот кантон, како и неопходната меѓународна соработка со Европол“, изјави Хукичевиќ.