„Очигледно не успеав ни јас ниту никој да се справи со ова чудо од карактер (на Данела Арсовска н.з.) и начин на дејствување. Очигледно, општина Сарај, нејзиното раководство и ДУИ ја имаат формулата за добра сорабтка, формула која јас и никој друг во оваа држава ја немавме“, рече Трајановски, образложувајќи ги причините за оставката
Според ВМРО-ДПМНЕ, пак, неговата оставка од позицијата заменик-градоначалник не е последица на неговиот револт од „пајташите на Арсовска“, туку веројатно причина се нереализирани бизнис интереси заокружени околу градоначалничката на Скопје
Заменик-градоначалникот на Град Скопје, Александар Трајановски денеска си поднесе неотповиклива оставка од функцијата.
Својата одлука тој ја соопшти на почетокот на денешната седница на Советот на Град Скопје, чиј член е, а во своето обраѓање пред колегите, рече дека се решил на ваков чекор порад постојаниот мобинг, изживување и репресирање на вработените во Град Скопје и јавните претпријатија, од страна на администрацијата на градоначалничката Данела Арсовска.
Трајановски, во образложението на причините за оставката наведе и дека со градот раководи и владее, како што кажа, екипа од Сарај и ДУИ, од чии редови според него градоначалничката Арсовска ги назначува директорите на јавните претпријатија.
„Од кал да е, од Сарај да е, директор ќе биде. Во изминатава година Град Скопје со сите свои ресурси и капацитети работи на проекти исклучиво во Сарај, како да не постојат останатите општини во Скопје. Јас не прифаќам да бидам заменик-градоначалник само на Сарај, не прифаќам ниту градот да удоволува само на потребите на екипата од Сарај. Граѓаните од сите општини во Град Скопје кои уредно си ги плаќаат своите обврски и го полнат буџетот очекуваат и заслужуваат Градот Скопје да работи на проекти и во нивните општини“,
рече Трајановски во своето обраќање.
Трајановски, кој е член на Советот на Град Скопје од редовите на ГРОМ, градоначалничката Данела Арсовска го назначи за свој заменик на крајот на септември 2022 година, по разидувањето на Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, партиојата со чија поддршка стана градоначалничка на локалните избори одржани нецела година претходно.
Тој дојде на местото на Бујаре Абази од Алијанса за Албанците, која ден претходно си поднесе оставка на функцијата.
„Да ми кажеше некој тогаш дека сево ова го правам за да со град Скопје и јавните претпријатија раководи и владее екипа од Сарај и ДУИ уште веднаш ќе одбиев. Кога се нафатив да бидам заменик-градоначалник тогаш градоначалничката наводно беше во битка со партизираните претпријатија. Косана Мазнева која тогаш беше директор на ‘Комунална хигена влезе во пресметка со екипа која ги тероризираше вработените во претпријатието и ги користеа ресурсите и капацитетите на претпријатието како да е нивна своина. За прв пат директор на јавно претпријатие се осмели да се соочи со овие структури. Косана Мазнева против таа банда херојски се избори и ја отстрани од ‘Комунална хигиена. За таа победа Косана Мазнева беше наградена со отказ, а денес градоначалничката на Град Скопје токму од таа екипа назначува директори“,
рече Трајановски.
На почетокот од своето говор, тој рече дека од првиот ден, па се до денес се трудел да го сподели неговото долгодишно искуство, идеи и знаење за подобрување и унапредување на градот и животот на граѓаните во него, но, за жал, како што посочи, ниту еден негов предлог не бил прифатен, ниту реализиран.
„Ревносно се борев за изгласување на годишните буџети на градот и програмите на јавните претпријатија, преговарав, дебатирав и аргументирано убедував колеги советници да ги поддржат и да ги гласаат предложените програмски и буџетски точки…Поради неконзистентноста на јавните политики, неконзистентоста во департизацијата на јавните претпријатија, поради неконзистентоста во назначувањето и именувањето на директори на јавните претпријатија, поради целосно напуштање на програмата за модерно скопје, поради безидејноста во справување со проблемите на градот и општините, поради незрелата политичка пресметка со сите градоначалници на општините освен Сарај и неистомислениците. Заради секојдневното малтретирање на граѓани, инвеститори, стопанственици, луѓе кои го полнат буџетот на градот и општините, како и поради постојаниот мобинг, изживување и репресирање на вработените во град Скопје и јавните претпријатија си поднесувам неотповиклива оставка како заменик- градоначалник“, рече Трајановски.

На крајот рече дека порано не се решил на ваков чекор, затоа што до максимум се обидувал да посредува во ублажувањето на гневот и надминувањето на недоразбирањатаи инаетот меѓу градоначалничката, советничките групи, јавните претпријатија, претставници од стопанството и бизнис заедницата, изведувачи на проекти, вработените како и многу граѓани кои, како што рече, залудно барале помош и решенија на своите проблеми сите овие месеци“.
„Очигледно не успеав ни јас ниту никој да се справи со ова чудо од карактер и начин на дејствување. Очигледно, општина Сарај, нејзиното раководство и ДУИ ја имаат формулата за добра сорабтка, формула која јас и никој друг во оваа држава ја немавме“,
подвлече на Трајановски.
Во врска со неговата оставка, преку писмено соопштение реагира владејачката ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека Трајановски задоцнил цели три години во проценката на личноста и неделата на градоначалничката Данела Арссовска.
Според ВМРО-ДПМНЕ, неговата оставка од позицијата заменик-градоначалник не е последица на неговиот револт од „пајташите на Арсовска“, туку веројатно причина се нереализирани бизнис интереси заокружени околу Данела Арсовска.
„Да потсетиме дека Трајановски беше во улога ‘дрвен адвокат’ и бранител на Арсовска до последниот момент, поточно до последната седница на Совет каде убедуваше дека кутрата Арсовска е жртва, а не агресор и уништувач на градот Скопје. Ќе потсетиме на неговите жолчни и параночни навреди и клевети кон советниците на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, квалификации и клевети и кон лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски и тоа токму за работите за кои предупредувавме, а кои сега тој на говорница ги наведува како причина за неговиот раскин на соработка со Арсовска. Кога ВМРО ДПМНЕ предупредуваше за хаосот кој го приредуваше Арсовска, за нејзината неработа, но и тесни врски со ДУИ и Левица, тогаш Трајановски ѝ аплаудираше на Данела“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, од каде додаваат дека оставката на Трајановски не е исправање на неправда, туку лицемерие.
