Месото, спакувано во 180 пакети, било транспортирано во возило, за кое претходно денеска од МВР информираа дека било запленето во вторникот кај село Танушевци
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) нареди уништување на 1 980 килограми небезбедно замрзнато пилешко месо по потекло од Полска. Месото, спакувано во 180 пакети, било транспортирано во возило, за кое претходно денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираа дека било запленето во вторникот.

„Месото било спакувано во 180 пакети по 11 килограми и во моментот на контрола било во фаза на отопување. Во запленетото возило, небезбедното месо се транспортирало во несоодветни услови, без потребен температурен режим за замрзнато месо (-18 Целзиусови степени) и без никаква документација за потеклото, ветеринарно-здравствен сертификат, комерцијален документ и други потребни документи за гарантирање на безбедноста на производот“, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.
Претходно денеска, од МВР информираа дека полициска екипа од станицата за граничен надзор „Танушевци“ во вторникот пресретнала комби со косовски национални ознаки, во кое имало поголемо количество прехранбени производи без соодветна документација. Комбито се движело кон границата со соседно Косово, а двете лица кои биле во него, откако ги забележале полициските службеници, го оставиле возилото и побегнале кон границата.