При преглед на возилото биле пронајдени 180 пакети со по 11 килограми прехранбени производи, кои биле без соодветна документација, информираат од МВР
Полициска екипа од станицата за граничен надзор „Танушевци“ во вторникот пресретнала комби со косовски национални ознаки, а во кое имало поголемо количество прехранбени производи.

Како што соопштија денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР), комбито било забележано дента во 14:30 часот во близина на селото Танушевци и се движело кон границата со соседно Косово.
Двете лица кои биле во него, откако ги забележале полициските службеници, го оставиле возилото и побегнале кон границата.
„При преглед во возилото биле пронајдени 180 пакети со по 11 килограми прехранбени производи, кои биле без соодветна документација“, велат од МВР.
Оттаму информираат дека комбито со производите било одземено и предадено за натамошна постапка, како и дека се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата и целосно расчистување на случајот.
