Европскиот парламент во претходната анализа објави дека американските царини ќе ги зголемат цените на производите како што се електричните возила, полупроводниците и фармацевтските производи, што ќе ја намали побарувачката и ќе ги принуди европските производители да ги намалат маржите
Европската Унија ќе реагира одлучно и навремено против најавените американски царини, реагираа денеска од Европската комисија откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговата администрација наскоро ќе објави царини од 25 отсто за увоз на производи од Унијата.
„ЕУ ќе реагира одлучно и веднаш против неоправданите пречки за слободната и фер трговија, вклучително и кога тарифите се користат за да се оспорат законите и недискриминаторните политики“, рече портпаролот на ЕК како одговор на барањето за коментар на забелешките на Трамп.
Тој нагласи дека ЕУ секогаш ќе ги штити европските компании, работници и потрошувачи од „неоправдани царини“.
Трамп во однос на прашањето за тарифна стапка за стоки од Европската Унија, одговори дека донеле одлука и дека ќе ја објават многу брзо, а дека таа ќе биде 25 отсто, генерално кажано, за автомобилите и за сѐ останато.
Тој исто така изјави дека ЕУ е основана „за да ги измами САД“.
Портпаролот на ЕК нагласи дека со создавањето голем и интегриран единствен пазар „ЕУ ја олесни трговијата, ги намали трошоците за американските извозници и ги усогласи стандардите и регулативите во 27 земји“.
„Како резултат на тоа, американските инвестиции во Европа се високо профитабилни. Европа се залага за дијалог, отвореност и реципроцитет. Подготвени сме за партнерство доколку играте според правилата. Но, ние исто така ќе ги заштитиме нашите потрошувачи и бизниси на секој чекор. Од нас нека не очекуваат ништо помалку“, додаде портпаролот на Комисијата.
Скок на цените на увезените стоки, можна рецесија во еврозоната
Европскиот парламент во претходната анализа објави дека американските царини ќе ги зголемат цените на производите како што се електричните возила, полупроводниците и фармацевтските производи, што ќе ја намали побарувачката и ќе ги принуди европските производители да ги намалат маржите. Доколку ЕУ одговори со слични тарифи, ќе пораснат и цените на електрониката, памукот и земјоделските производи. Ју-ес-еј тудеј исто така предупредува дека цените на луксузните европски стоки во САД би можеле да пораснат за 30 отсто, што би ја намалило нивната конкурентност.
Европската централна банка предупредува дека царините може да ги нарушат синџирите на снабдување, што ќе доведе до недостиг на критични компоненти. Лоренцо Кодоњо, поранешен главен економист во италијанското Министерство за економија, истакнува дека ескалацијата може да предизвика интервенција на Европската централна банка за стабилизирање на девизниот курс на еврото и инфлаторните притисоци.
Нови трговски сојузништва
За да ги избегнат царините, некои европски компании размислуваат да го преселат производството во САД. „Мишелин“ размислува за проширување на капацитетите во Северна Каролина, додека „Порше“ и „Ауди“ размислуваат за изградба на фабрики во Тенеси и во Тексас.
Со оглед на трговските тензии, ЕУ би можела да ги интензивира преговорите со Азија и Африка. Договорите со Јапонија и Јужна Кореја би можеле да се прошират на зелената технологија и фармацевтската индустрија.
Тарифите на Трамп претставуваат тежок избор за ЕУ помеѓу цврст одговор и дипломатски пристап. Секоја ескалација се заканува да ја зголеми инфлацијата, да ги намали инвестициите и да ја зголеми невработеноста во клучните индустрии.