Министерката посочи дека постојниот Закон за средно образование е усвоен во 1995 година
Наскоро ќе има нов закон за средно образование, објави денеска министерката за образование и наука, Весна Јаневска на нејзиниот фејсбук-профил откако соопшти дека предлог-законот за средното образование, кој требаше да биде на дневен ред во собраниската матична комисија, е повлечен од собраниската процедура.

„Законот за средно образование утринава го повлеков, Комисијата нема да се одржи. Се уште ќе се доработува тој закон и потоа повторно ќе го вратиме во процедура. Постојат многу други промени во законот што се неопходни да се направат, затоа што законот од 1995 година не е менуван. Донесени се незначителни 34 промени. Мораме да менуваме концепции, наставни програми и наставни планови, се она што е неопходно за децата да се стекнат поголемо знаење, да можат на факултетите да постигнат високи резултати и да останат во државата“, рече таа.
Во објава на Фејсбук посочи дека во новото предлог-решение е предвидена поголема поддршка за талентираните ученици, образовни асистенти во средните училишта, воведување кариерни советници кои ќе ги насочуваат учениците да продолжат да се надградуваат или да работат во соодветни области согласно нивните вештини и способности, а не според желбите на родителите, уредување на начинот на кој ќе се реализира формалното образование на децата во казнено-поправните и воспитно-поправните домови.
„Измени ќе има и во државата матура. Воведуваме училишна и државна матура кои ќе се разликуваат во гимназиското, стручното и уметничкото образование“, напиша Јаневска.