Американскиот претседател потврди дека в петок ќе одржи средба со украинскиот колега Володимир Зеленски, на која ќе потпишат договор поврзан со минералните богатства на Украина
Американскиот претседател Доналд Трамп по првиот состанок со својот владин тим состанок изјави дека Украина може да заборави на членството во НАТО алијансата, пренесува „Асошиејтед прес“.
Според него, веројатно тоа е и причината поради која започнала војната на Русија со таа земја.

Овие изјави Трамп ги даде додека се подготвува да се сретне со претседателот на земјата Володимир Зеленски во петок во Белата куќа, кога се очекува потпишување договор за украинските ретки минерали.
Американскиот претседател уште еднаш изрази надеж дека наскоро ќе се сретне лице в лице со рускиот претседател Владимир Путин за да постигне договор за ставање крај на тригодишната руско-украинска војна.
Сепак, тој јасно стави до знаење дека двете земји мора да направат отстапки, но не откри детали за можните компромиси меѓу двете страни.
Според него, амбицијата на Украина да се приклучи на западниот воен сојуз не е разумна.
„НАТО? Заборавете на НАТО. Мислам дека тоа е веројатно причината зошто започна целиот овој конфликт“, рече тој.
Смета дека Европа, а не САД, треба да ѝ даде безбедносни гаранции на Украина како дел од планот за ставање крај на војната.
„Ние нема да даваме безбедносни гаранции, туку ќе бараме Европа да го направи тоа, бидејќи тие се нејзини соседи. Сепак, ќе се погрижиме сè да оди како што треба“, изјави Трамп.
Трамп потврди дека в петок ќе одржи средба со украинскиот колега Володимир Зеленски.
Договорот меѓу САД и Украина за минералните ресурси се однесува на поделбата на украинските ресурси, како што се титаниумот, графитот, литиумот и ретките метали, како компензација за американската помош на Украина и можни идни безбедносни гаранции.