Српскиот претседател вечерва пристигна во Бања Лука, со цел, како што рече да им даде поддршка на граѓаните на Република Српска и да им каже дека Србија е со нив
Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва од Бања Лука изјави дека пресудата против претседателот на Република Српска (РС), Милорад Додик првенствено насочена против РС и против српскиот народ во целина. Посочи дека лично секогаш ќе стои на страна на Република Српска, без разлика на одлуката на властите на овој ентитет во врска со пресудата против претседателот на РС, Милорад Додик.
На заедничката конференција со Додик во Бања Лука, Вучиќ рече дека денешниот ден е тежок за целиот српски народ.

„Оваа пресуда не го покажува само односот кон Додик, кој секако не е лесен, иако не сака да го покаже. Оваа пресуда е насочена пред се против РС и против српскиот народ во целина“, рече Вучиќ.
Според него, првостепената пресуда е донесена во „неверојатно чудна и бесмислена правна постапка против претседателот на Република Српска, Милорад Додик“.
Вучиќ посочи дека дошол во Бања Лука да им даде поддршка на граѓаните на РС и да им каже дека Србија е со нив.
„Постојат две работи за кои дојдов, едната е да побарам од Милорад Додик и од раководството на Република Српска уште еднаш да ги поканат сите политички претставници во БиХ, ЕУ и секако Русија и Кина на разговори и дијалог“, рече српскиот претседател.
Претседателот на РС, Милорад Додик изјави дека Вучиќ е „единствениот искрен вистински пријател“.
„Нашата слобода е доведена во прашање. Не сакаме да ја загрозиме позицијата на Србија со каков било потег, но очекуваме разбирање за она што сакаме да го направиме“, рече Додик.
Клучното прашање за РС, додаде тој, е да се зачува Уставот на БиХ.
„Доволно е да се почитува Уставот на БиХ за да ние останеме во БиХ и да ги отфрлиме сите негови реформи, бидејќи се создава атмосфера дека не можеме да останеме во БиХ“, кажа тој.
Додик најави дека активностите на властите на РС во наредните денови ќе бидат „реакција на децениските намери да ја ослабат РС и да ја направат празна школка“.
Судот на Босна и Херцеговина денеска донесе првостепена пресуда против претседателот на ентитетот Република Српска (РС), Милорад Додик, со која е осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење политичка функција како претседател на РС.
Руското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека денешната пресуда на Судот на Босна и Херцеговина против претседателот на Република Српска (РС), Милорад Додик „ќе има катастрофални последици за ситуацијата во Босна и Херцеговина и целиот регион“.