Мицкоски очекува целиот процес за смена на Коцевски да заврши „брзо и ефикасно“, но и да биде избран обвинител кој ќе биде заштитник на правдата

Тоа што СДСМ го брани државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски е главна причина ние да работиме на негова смена, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ги обвинувањата на најголемата опозициска партија дека власта сака да го партизира правосудството.
„Тоа што СДСМ го брани Коцевски и ДУИ е главна причина, главен услов, ние да работиме спротивно на тоа. Тоа значи дека имаме опструиран, партизиран целосен систем, што има за цел да биде последниот браник, последниот штит на владата којашто пред повеќе од осум месеци замина во историјата на македонската политичка сцена, а тоа е владата на СДСМ и ДУИ, иако тие заедно со Левица функционираат исклучително одлично и ефикасно во опозиција и мислам дека уште долго време така и ќе продолжат да функционираат како коалиција“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на Неготино.
Тој очекува целиот процес за смена на Коцевски да заврши „брзо и ефикасно“, но и да биде избран обвинител којшто ќе биде заштитник на правдата.
„Со самото тоа што тие велат дека не треба да се промени Коцевски, ние мора спротивно да работиме. Да направиме сѐ што е во наша моќ да го промениме бидејќи знаеме што мислат граѓаните за правосудниот систем под палката на оваа коалиција – СДСМ и ДУИ во минатото. Довербата е два-три проценти. Така што, јас очекувам овој процес брзо и ефикасно да заврши и да биде избран обвинител којшто ќе биде заштитник на правдата, а не заштитник на владата на СДСМ и ДУИ“, рече Мицкоски.
Предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски вчера помина на владина седница, откако Министерството за правда го подготви предлогот.
Во предлогот од Правда се вели дека Коцевски постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои тој требало да знае и требало да се изземе.
Сега Владата ќе треба да го достави предлогот до Советот на јавни обвинители, од каде што се очекува мислење во наредните 15 дена.
Во Законот за јавно обвинителство се наведува дека ако Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија од оправдани причини во определениот рок не достави мислење до Владата, рокот се продолжува за уште 15 дена.