Од земјите од соседството, напредок за еден поен во однос на 2023 година има БиХ, а пад од еден бод има соседна Србија. Кај останатите земји од Западен Балкан, како и кај нас, нема ниту напредок ниту уназадување во однос на рангирањето од 2023 година
Северна Македонија е делумно слободна земја – ова е оценката што земјава ја доби за 2024 година од организацијата „Фридом хаус“ во својот најнов годишен извештај „Слобода во светот“ во кој, на глобално ниво, го оценува пристапот на луѓето до политичките и граѓанските права и слободи.

На скала од 0 до 100 поени, на која 0 поени означува неслободна, а 100 поени слободна земја, С Македонија во 2024 година е бодувана со 67 поени, исто како и на рангирањето за 2023 година. Без постигнат напредок, земјава останува на позицијата делумно слободна, во друштво на останатите земји од Западен Балкан.
Од земјите од соседството, напредок за еден поен во однос на 2023 година има Босна и Херцеговина, а пад од еден бод има соседна Србија. Кај останатите земји од Западен Балкан, како и кај нас, нема ниту напредок ниту уназадување во однос на рангирањето од 2023 година.

Покрај државите од Западен Балакн, на ниво на Европа, оценката делумно слободни земји во 2024 година ја добија Унгарија, Украина и Молдавија.
Во извештајот објавен денеска, „Фридом хаус“ нотира дека минатата година слободата на глобално ниво е опадната 19. година по ред и забележано е засилување на авторитаризмот. Кај 60 земји е забележано влошување, а кај 34 подобрување на политичките права и граѓански слободи.