Оттаму го обвинија премиерот оти во случајот со Меџити го погазил своето ветување дека ќе бара одговорност од секој функционер кој се огрешил. Со ова, како што велат, се потврдува оти Мицкоски е заложник на Меџити
Опозицискиот СДСМ бара Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) да поведе постапка во врска со наводите за незаконско работење на првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, за што партијата денеска достави документација до Владата, која, пак, експресно ги отфрли наводите за невистинити.

Дополнително, од партијата побараа по случајот итно да постапи и обвинителството.
„Скандалозно и истовремено комично е што Мицкоски за ‘пет минути’ ги проверил доказите кои СДСМ ги достави за Изет Меџити. Повеќе од јасно е дека тој го штити Меџити и се прави слеп на докази кои се јасно потврдени од институциите на државата“, велат од опозициската партија.
Оттаму го обвинија Мицкоски оти во случајот со Меџити го погазил своето ветување дека ќе бара одговорност од секој функционер кој се огрешил. Со ова, како што велат, се потврдува оти премиерот е заложник на Меџити.
„Прво криеше дека Меџити има планирано 3 000 партиски вработувања додека списоците за вработувањата веќе на големо се споделуваат по социјалните мрежи. Сега го крие и штити за скандал и прекршување кое го потврдил со документи Државниот управен инспекторат. СДСМ му даде шанса да докаже на дело дека се залага за владеење на правото и почитување на процедурите и да побара одговорност од Изет Меџити, но тој реши да го штити. Со што го задолжил Меџити Мицкоски за вака да се брука? При јасни докази наведени од Државниот управен инспекторат Мицкоски се прави слеп“, велат од СДСМ во партиското соопштение.
Претходно денеска Владата информира дека ги проверила и следствено на тоа ги отфрла како невистинити наводите изнесени од опозициските СДСМ и ДУИ кои се однесуваат на работата на МЖСПП и Изет Меџити.