Министерот, иако потврди дека фирмата е избрана, сепак, не го откри името на компанијата

Фирмата што ќе ги гради катните гаражи во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ е избрана и деновиве треба да биде потпишан договорот со неа, вели министерот за здравство Арбен Таравари.
„Да, завршен е тендерот. Комисијата ги разгледуваше сите документи. Известен сум дека се е во ред и се надевам дека деновиве ќе треба да се потпише“, рече Таравари но не го откри името на фирмата на новинарско прашање по промоцијата на нова медицинска опрема за одделот за Урологија во Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“.
Одлуката за спроведување на постапката за изградба на катни монтажни гаражи во Универзитетски Клинички центар – Комплекс клиники „Мајка Тереза“, Владата ја донесе на седница на 20 август минатата година.
Формирана беше Комисија за спроведување на постапката за доделување на договор за воспоставување на Јавно – приватно партнерство за изградба на катни монтажни гаражи во Комплексот клиники.
„360 степени“ на почетокот на месецот имаше прилог во кој ја пренесе ситуацијата од состојбата со паркирањето во кругот на клиничкиот центар.
Катни гаражи се решение за кое се зборува повеќе од една деценија, од различни министри за здравство, од различни политички гарнитури. Последно, во таа насока тргна актуелното раководство во Министерството за здравство.
На 15 ноември 2024 година, Министерството објави оглас за воспоставување јавно-приватно партнерство како концесија за јавни работи и јавни услуги.
Според една од верзиите на документот до кои дојде „360 степени“, се предвидени две сценарија како да се реши паркингот со монтажни гаражи.
Според јавно достапната документација и одговорите шти ги добивме од министерството, планот е да се оди на варијантата за изградба на две монтажни катни гаражи.
Едната би била изградена на паркингот кај Клиниката за гинекологија на површина од 3 500 метри квадратни со приземје и две нивоа. Со тоа би се обезбедиле вкупно 350 паркинг места.
Втората би била на паркингот во близина на Ургентниот центар на површина од 4 932 метри квадратни, исто со приземје и две нивоа. Според плановите, таа би додала вкупно 493 паркинг места.
Министерот за здравство Арбен Таравари тогаш во интервју за „360 степени“ рече дела само една компанија се пријавила на повикот за јавно-приватно партнерство за изградба на катни гаражи и управување со паркирањето во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.