Таа вели дека грбот има симболи што повеќе укажуваат на географијата отколку на нешто што е белег низ историјата, а во однос, пак, на државната химна Сиљановска-Давкова вели дека ја одразува историјата на Македонија и нема зошто таа да се менува

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека државната химна нема потреба да се менува, додека за грбот таа е на став дека сега не е време и оти се плаши со тоа да не влеземе во нови страсни конфликти.
Таа вели дека грбот има симболи што повеќе укажуваат на географијата отколку на нешто што е белег низ историјата.
„Имам само една дилема околу моментот на отворањето на прашањето. Не негирам дека низ историјата најприсутен симбол бил црвениот лав на златна заднина. Но, мојата дилема е следната – секогаш кога почнуваме да разговараме за вакви етнички прашања, симболи, со таква страст го правиме тоа, што не ни останува време за соочување со вистинските дилеми. Ако денеска зборуваме за драматични промени, треба ние да се адаптираме на драматичните промени. Се плашам да не влеземе во нови страсни конфликти, симболите би требало да обединуваат, а не да разединуваат“,
рече Сиљановска-Давкова денеска одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
Во однос, пак, на државната химна, Сиљановска-Давкова вели дека ја одразува историјата на Македонија и нема зошто таа да се менува.
„Ако ме прашувате за химната, апсолутно мислам дека нема потреба од промена на химната. Таа никогаш не одразува сегашност, секогаш одразува историска меморија, генеза и немаме ние право да менуваме. Не сум чула да менуваат луѓе, дури и во рамките на Европската Унија, во обидот да се донесе Уставот во 2005 година на ЕУ, беше предвидена химна, ама не дојде до тоа. Сите народи низ историјата креирале песни или химни кои се најважниот државен симбол и затоа не знам колку знаете – текстовите на химните во најголемиот број држави се во Уставот. Описот на знамето е во Уставот. Грбот е опишан во Уставот. Значи во законот над законите“,
рече Сиљановска-Давкова.
Промената на државниот грб деновиве е во фокусот на јавноста откако премиерот Христијан Мицкоски минатата недела потврди дека партиите од владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ го отвориле прашањето за промена на грбот со оглед на тоа што, како што рече, земјава е една од двете постсоцијалистички држави кои сè уште го имаат стариот државен грб, со некои мали модификации.
Мицкоски потсети дека идејата за менување на државниот грб потекнува од 2014 година кога владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ предводена од Никола Груевски, излезе со таков предлог.
Станува збор за црвен лав на златно-жолта заднина во форма на штит, како и круна во горниот дел во форма на тврдина.
Тогаш ДУИ се согласи на ваков државен грб, нагласувајќи дека лавот е дел и од албанската традиција, а го има и во грбот на градот Тирана. Круната, пак, рекоа, го претставува Скопското кале.
* Поврзани вести: