Според информациите, во моментот на експлозиите автобусите биле празни, а од полицијата соопштиле дека засега нема извештаи за настрадани лица
Три автобуси експлодираа во градот Бат Јам, кој се наоѓа јужно од Тел Авив, соопшти израелската полицијата, додавајќи дека првичните сомнежи упатуваат дека станува збор за терористички напад, пренесува Би-би-си.

Експлозивни направи биле поставени во уште два автобуси, но тие не детонирале.
Според израелската полиција, голем број нивни припадници се на местото на настанот, а во тек е и потрага по осомничени лица.
Министерката за транспорт, Мири Регев, како што јавуваат израелските медиуми, наредила да се запрат сите автобуси и возови во земјата за да може да се извршат проверки за евентуално поставени други експлозивни направи.
Од снимките објавени на социјалните мрежи може да се види еден од автобусите како гори на паркинг и како над местото се издига голем облак од чад.
🚨 MASSIVE TERROR ATTACK FAILS IN ISRAEL: Three empty parked buses just exploded in the city of Bat Yam. An additional two buses were found with explosive devices. All had timers on them, which malfunctioned. pic.twitter.com/xvlfIjLuST
— Breaking911 (@Breaking911) February 20, 2025
Според информациите, во моментот на експлозиите автобусите биле празни, а од полицијата соопштиле дека засега нема извештаи за настрадани лица.
Локалните медиуми објавуваат дека на една од неексплодираните направи, тешка околу пет килограми, имало порака „Одмазда од Тулкарем“, што упатува на неодамнешната израелска воена антитерористичка операција на Западниот Брег.
По инцидентите во Бат Јам, министерот за одбрана Израел Кац соопштил дека дал наредби на војската да го зголеми интензитетот на активностите во бегалските кампови на Западниот Брег.
Од кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопштиле дека тој постојано добива извештаи за ситуацијата во Бат Јам.
Властите ја повикуваат јавноста да ги избегнува областите каде се случиле експлозиите и да биде внимателна доколку забележи сомнителни предмети.
Инаку, Израел по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, што ја предизвика разорната војна во Газа, постојано спроведува воени операции против палестински милитанти на Западниот Брег.
Градот Тулкарем и два бегалски кампа кои се наоѓаат во него беа во фокусот на неодамнешните напади на израелската војска на Западниот Брег.
„Никогаш нема да заборавиме да се одмаздиме за нашите маченици додека трае окупацјата на нашите земји“,
напишала на Телеграм група која се идентификува како огранок на военото крило на Хамас – Бригадите Касам, од градот Тулкарем, во северниот дел на Западниот Брег.
Откако стапи на сила примирјето со Хамас во Газа на 19 јануари, Израел спроведува широка воена офанзива на Западниот Брег.
