Овие добро пресметани напади врз родовата еднаквост мора да се разберат како дел од поширок обид за укинување на правата и демонтирање на демократските механизми, велат од коалицијата „Маргини“
Последица од кратењето на средствата по извршната наредба на Доналд Трамп е затворањето на шелтер центарот „Сигурна куќа“ во кој се сместуваа лица што се наоѓаат на улица поради семејно насилство, ЛГБТИ-лица односно жртви на родово насилство
Постер на кој уметник што соработувал со коалицијата „Маргини“ рекламирал уметнички настан бил причина до Одделот за компјутерски криминал во Министерството за внатрешни работи (МВР) да стигнат пријави од антиродово движење. Пријавите против веб-администратори на инстаграм-страница биле дека со постерот се шири педофилија, а всушност уметникот објавил слика од самиот себе кога бил дете, сакајќи да го прикаже насилството кое го трпел. Веб-администарторите биле повикани на разговор во полиција, а биле земени податоци и од уметникот, но тој се уште не е повикан.
Ова е само еден од примерите на притисоци и напади што се упатени кон граѓанските организации чии активности се во областите на човековите права, родовата еднаквост, доброто владеење и унапредувањето на демократските вредности, велат од коалицијата „Маргини“. Ваквите напади што се засилуваат преку социјалните мрежи и традиционалните медиуми, додаваат оттаму, создаваат непријателска средина за бранителите на човековите права и поттикнуваат недоверба во граѓанското општество.
Освен тоа што трпат притисоци, на активистите за човекови права им е загрозена и безбедноста.
Антиродовите движења земаат замав
Од Коалицијата стравуваат дека притисоците, нападите и загрозувањето на безбедноста во периодот што следува уште повеќе ќе земаат замав. Славчо Димитров, извршен директор на „Маргини“, вели дека овие добро пресметани напади врз родовата еднаквост мора да се разберат како дел од поширок обид за укинување на правата и демонтирање на демократските механизми.
„Ситењето“ од антиродовите движења уште повеќе доаѓа до израз по информацијата дека се замрзнати програмите на УСАИД откако новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп стави потпис на извршната наредба.
„Антиродовите движења земаат замав и сега веќе не се затскриваат. Тие се голема закана особено безбедносно за бранителите и бранителките на женските права и на луѓето што се занимаваат со овие прашања“,
вели Сара Миленковска, проектна координаторка во коалицијата „Маргини“.
Од Коалицијата додаваат дека состојбата во иднина ќе се влошува и дека мобилизацијата на антиродовите движења сега е поддржана од локалните самоуправи и од самата власт.
„Специфично и за балканскиот и за македонскиот контекст е тоа што имаме на власт демохристијанска и конзервативна влада која никогаш не била оптимистички настроена кон сексуалните и родовите малцинства, ниту кон женските и родовите права. Сега имаме раст на антиродови движења“,
вели Димитров.
Според него, овие движења што се наводно граѓански, се организирани и инструирани да шират паника.
„Тие се наводно граѓански и шират постојана паника и хистерија за сексуалните и родовите малцинства дека наводно ја доведуваат во прашање иднината на граѓаните. Ја загрозуваат безбедноста и на заедницата и на активистите што работат со неа“,
рече Димитров.
Од граѓанските организации велат дека се намалува просторот за јавно дејствување, а се прави и поделба на добри и на лоши невладини организации.
„Не демонизираат како странски агенти, наратив што постоеше и при претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Ова е удар за човековите права, за демократијата и за евроинтеграцискиот пат на државата“,
додаваат од граѓанските организации.
Последиците од кратењето на средствата веќе се чувствуваат
Во периодот откако претседателот Трамп ја потпиша извршната наредба, наглото намалување на финансирањето од САД остави во неизвесност многу организации за женски права, кои сега се борат да ги покријат трошоците и да им исплатат плата на вработените. Од „Маргини“ велат дека не сакаат да „плачат“ туку само да посочат на последиците.
Еден пример е затворањето на шелтер центарот „Сигурна куќа“ во кој се сместуваа лица што се наоѓаат на улица како резултат на семејно насилство, ЛГБТИ-лица односно жртви на родово насилство. Тие таму добиваа социјална и психолошка поддршка и други услуги што им помагаат да излезат од тешката состојба.
Ефектите од ваквото кратење на средствата се чувствуваат и низ регионот. Анкетата направена на 10 февруари, а која ја одговориле 31 граѓанска организација од Западен Балкан, покажала дека 23 организации изгубиле или веројатно ќе изгубат финансирање во вредност од повеќе од 11,7 милиони долари што, во просек, претставува 36 отсто од нивните буџети за 2025 година.
„Најмалку 56 вработени ќе бидат отпуштени, а 206 активисти – бранители на човековите права ќе мора да ги намалат работните часови, вклучувајќи психолози, социјални работници, адвокати и застапници. Кратењата негативно влијаат на програмите за спречување на родово базирано насилство. Најмалку две организации за женски права веќе мораа да ги затворат своите канцеларии. 20 граѓански организации пријавија дека кратењата придонеле за зголемен стрес и исцрпеност кај активистите“,
се наведува во резултатите од анкетата.
Има извештаи и дека кратењата довеле до загрозување животи, намалена безбедност на активистите, губење на економска поддршка, намалување на активностите за застапување и мониторинг.
„Практично, загрозени се сите активности, од мониторинг на состојбите и анализа, до финансирањето на засолништа за загрозените, пружање советувања, обезбедување економска поддршка, спроведување истражувања и давање експертиза за идни закони и политики и генерално теренската работа“,
велат од „Маргини“.
Кратењата на финансирањето, додаваат од организациите, ќе имаат длабоки и долгорочни последици врз граѓанското општество, мрежите и клучните демократски вредности.
„Губењето на клучните механизми за регрантирање ќе ги лиши локалните иницијативи од основни ресурси, ограничувајќи го учеството на граѓаните во демократските процеси и ослабувајќи го колективното делување“,
додаваат од граѓанските организации.