На пораката од еврокомесарката за проширување Марта Кос дека Европската комисија сака до крајот на мандатот да ги заврши пристапните преговори со Црна Гора и Албанија и дека ако има придвижување и Северна Македонија може брзо да напредува, премиерот Мицкоски потсети на ветувањата за брз прием во ЕУ што ги добиваше земјава ако го реши прашањето за името со Грција
Црна Гора и Албанија би можеле да ги завршат пристапните преговори со Европската Унија до крајот на тековниот мандат на Европската комисија (ЕК), а кога ќе има придвижување и Северна Македонија може брзо да напредува. Ова денеска го изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос на еден од панелите на Минхенската безбедносна конференција во кој учествуваше и премиерот Христијан Мицкоски. Мандатот на новата Европска комисија, кој почна на 1 декември 2024 година, завршува на 30 ноември 2029 година.

„Има разлики меѓу земјите од Западен Балкан, но во текот на нашиот мандат сакаме да ги завршиме пристапните преговори со две или три држави, што значи затворање на сите преговарачки поглавја“,
рече еврокомесарката Кос.
На прашање од модераторката кои се двете земји со кои ЕУ би можела да се прошири и во кој временски период, еврокомесарката одговори:
„Водејќи се според мерит-системот досега, Црна Гора и Албанија предничат, но кога ќе има придвижување со Северна Македонија и Северна Македонија може брзо да напредува“.
На изјавата на Кос реплицираше премиерот Христијан Мицкоски. Потсети на ветувањата на ЕУ за брзо членство на земјава по менувањето на името.

„Имам само една забелешка, се сеќавам на ветувањата со кои сакаа да не убедат – сменете го името и во период од 4-5 години ќе станете членка на ЕУ. Им посакувам среќа на Црна Гора и Албанија, но ве молам не споделувате го нашето искуство“,
рече Мицкоски.
На тоа лаконски коментираше премиерот на Албанија, Еди Рама: „Единственото ново име што може да го прифатиме е Соединетите Држави или Канада“.