Секретарот за одбрана на САД, Пит Хегсет, во Брисел негираше дека станува збор за предавство: „Нема никакво предавство. Има признание дека целиот свет и САД се вложуваат и се заинтересирани за мир, договорен мир“. Тој рече и дека Америка е активен дел од овој сојуз и дека така и ќе остане, но „кога станува збор за трошење за одбраната ниту два процента од БДП не е доволно“
Владимир Мирчески, известува од Брисел
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, вели – не мора веднаш да се усогласиме, но на крај секогаш доаѓаме до заеднички позиции. Овој негов коментар се однесува на пукнатината што се појави меѓу сојузниците по телефонскиот разговор на Доналд Трамп и Владимир Путин за војната во Украина, кој предизвика реакции од водечките европски држави со порака дека на масата за преговори мора да има место за Киев и за Европа.
Ставовите на американскиот претседател за тоа како треба да се стигне до мир во Украина, денеска на министерскиот состанок во седиштето на НАТО во Брисел ги бранеше неговиот секретар за одбрана Пит Хегсет.

„Војната во Украина и агресијата од Русија беше ’фабрички ресет’ за НАТО, сфаќање дека оваа Алијанса треба да биде робусна, силна и реална. Затоа, претседателот повика на зголемување на трошењето за одбрана во НАТО, во Европа и европските земји да препознаат дека ова е вистинска закана за континентот, оваа агресија треба да биде будење. Американците се активен дел од овој сојуз, сме биле, и ќе бидеме. Но, кога станува збор за трошење за одбраната ниту два проценти од БДП не е доволно. Три, четири, и конечно пет проценти, како што кажа претседателот Трамп, е критично важно и увидувањето дека има руска воена машина која сака да земе што повеќе територија во Украина. Спротивставувањето на тоа е важна европска обврска и секако САД се таму долго време“,
вели Пит Хегсет, секретарот за одбрана на САД.
За мировен договор кој би значел дека Украина ќе загуби дел од своите територии кои сега се под руска окупација, а и никогаш не би влегла во НАТО, американскиот секретар за одбрана доби непријатно прашање од новинарка на британската телевизиска мрежа „Скај њуз“.
„Скај њуз“: Нели е вашиот план за Украина, всушност, предавство за украинските војници кои ги дадоа животите бранејќи ја целината на нивната земја? И нели е само награда за диктаторите кои користат воена сила за да грабнат што сакаат?
Хегсет: Тоа се ваши зборови, не мои. Сигурно не станува збор за предавство. Како и што вчера им реков на нашите сојузници – ние ја признаваме неверојатната посветеност во изминатите години и ниту една земја, како што кажа претседателот Трамп, не покажа поголема посветеност за Украина од САД со повеќе од 300 милијарди долари. Значи, САД инвестираа во стабилизирање на тие фронтови по агресијата на Русија. Нема никакво предавство. Има признание дека целиот свет и САД се вложуваат и се заинтересирани за мир, договорен мир.
Новата политика на новиот американски претседател го поставува прашањето за тоа во која насока ќе се движи НАТО во видоизменетите геополитички околности. Во одговорите, Марк Руте не зборува за разлики од двете страни на Атлантикот.

„Оваа Алијанса е семејство. Како што Пит Хегсет кажа вчера, а и други, тука е за да остане за идните генерации. Тука сме за да обезбедиме најдобро можно одвраќање за да се одбраниме од секој противник, сега или во иднината, но тоа значи дека треба да добиеме добар договор за Украина, да го зголемиме трошењето за одбраната, да го зголемиме военото производство. Тоа се јасни заеднички задачи, за нив ќе дебатираме, не мора веднаш да се усогласиме, но како и секогаш, на крајот доаѓаме до заеднички позиции“,
порача генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Неодминливо, и министрите за одбрана на Велика Британија и на Германија одговараа на прашања за иницијативата на американскиот претседател за Украина.
„Сведочевме на синоќешните телефонски повици на претседателот Трамп. Сите сакаме одржлив мир без враќање на конфликтот и агресијата. Но, да не заборавиме – Русија останува закана не само за Украина. Мојата порака за време на овие разговори ќе биде дека не може да има преговори за Украина без Украина и гласот на Украина мора да биде во сржта на кои било разговори“,
вели Џон Хили, државен секретар на одбрана на Обединетото Кралство.

Новинар: Се чини дека Европа веќе беше изоставена од мировните разговори за Украина, што мислите?
Борис Писториус: Тоа не е мојот впечаток во овој момент, зашто реалноста е дека никој навистина не беше вклучен пред телефонскиот разговор Трамп-Путин.
Каде е земјава во овие околности – е рамката за разговорот што во Брисел го водевме со министерот за одбрана Владо Мисајловски.
Токму во овој турбулентен период за НАТО, Радмила Шекеринска го почна ангажманот на новата позиција. Со заменик-генералната секретарка, во првото интервју за македонски медиум од оваа позиција, разговаравме за горливите прашања што во овој момент ја оптоваруваат Алијансата.
НАТО-претставници, и политички и воени, на денешните брифинзи уверуваа дека Алијансата, како организација, останува посветена на поддршката за Украина. Официјалната позиција на НАТО, како што велат, останува онаа од далечната 2008 дека Украина ќе стане членка кога за тоа ќе дојде време, поточно кога ќе ги исполни условите и дека тоа не зависи од желбите на Кремљ.