Д-р Анџелка Илиева од Здружението за естетска медицина вели дека последиците од нестручниот третман можат да бидат сериозни, започнувајќи од ткивни инфекции, компликации на кожата, кои можат да доведат до сепса, или запушување на крвни садови, кои можат да доведат до изумирање на дел од ткивото со трајни последици
Сериозни компликации од неправилна и нестручна апликација на ботокс и филер забележале докторите од Здружението на дерматовенеролози на Македонија, Македонската асоцијација на пластични, реконструктивни и естетски хирурзи и Здружението за естетска медицина. За таа цел, бараат да се ограничи можноста за извршување естетски медицински интервенции од лица што немаат медицинска квалификација, со што во иднина би се зајакнале стандардите за безбедност и квалитет во оваа област.

Д-р Игор Пеев од Здружението за естетска медицина вели дека иницијативата за промена на Законот за јавно здравје во доменот за естетска медицина е поради се почестата злоупотреба на медицински помагала во контекст на употреба на хилајуронски филери, неуротоксини од страна на немедицински лица и се поголемиот број на компликации од истите.
„Законот во моментот не одредува кој точно може да извршува ваков тип на естетски интервенции, а во друг дел кажува три специјалности. Постојат повеќе начини тоа да се регулира, повеќе модуси. Ние, како фела која со оваа дејност се бави со оваа дејност повеќе години, сме отворени за соработка да најдеме начини како тие да се одредат. Не само лицата, туку и условите и начинот на нивна квалификација, бидејќи не секој доктор е квалификуван и докфалификуван да работи во полето на естетската медицина“,
рече тој.
Д-р Анџелка Илиева, од Здружението за естетска медицина вели дека последиците од нестручниот третман можат да бидат сериозни, започнувајќи од ткивни инфекции, компликации на кожата, кои можат да доведат до сепса, или запушување на крвни садови, кои можат да доведат до изумирање на дел од ткивото со трајни последици.
„Дел од нив се и ревирзибилни како што е на пример слепило, предизвикано како запушување на крвен сад“,
рече таа.
Посочи дека со предложените измени на Законот за јавно здравје ќе се заштитат пациентите од несоодветно изведени интервенции на естетската медицина и ќе се воспостават јасни правила за тоа кој може да извршува ваков вид на медицински процедури.
Здружението за естетска медицина ги повикува сите засегнати страни да дадат поддршка за оваа иницијатива со цел заштита на јавното здравје и унапредување на професионалните стандарди во естетската медицина.
