Според присутните на протестот, безбедноста во сообраќајот не е прашање на избор, туку неопходност. Прашаа каде е коренот на сè почестите сообраќајни несреќи, но и што значи и како се доаѓа до безбеден град
„Секој еден да не биде следен“ порачаа денеска граѓаните на протест на крстосницата пред Зоолошката градина во Скопје. Посочија и дека безбедноста на скопските улици е на многу ниско ниво и тоа треба да се промени.
Протестот го организира иницијативата „Кој е следен“, оформена по смртта на 22-годишната Фросина Кулакова од Неготино, која минатата недела беше прегазена поминувајќи на пешачки премин откако беше удрена од автомобилот со кој управуваше Васил Јованов.

Според присутните на протестот, безбедноста во сообраќајот не е прашање на избор, туку неопходност. Прашаа каде е коренот на сè почестите сообраќајни несреќи, но и што значи и како се доаѓа до безбеден град.
Според Игор Антов од иницијативата „Кој е следен“, и покрај полициското присуство на улиците и камерите на семафорите, потребен е и функционален јавен превоз што би ги намалил возилата во сообраќајот, подобра сигнализација, како и законски измени што ќе ја подигнат свеста на учесниците во сообраќајот.
Ива Петровска од иницијативата „На точак“ рече дека не треба да се одложува решавањето на проблемите бидејќи не се губат политички поени, туку животи.
„Што е сменето во овие 10 години? Дали коловозните ленти на ‘Партизанска‘ се стеснети: Далки е ставен фокус на младите луѓе како целна група која непрописно вози и според светските истражувања најчесто е виновна за сообраќајните прекршоци и судири со тешки последици? Дали казните се посериозни? Дали е воведен ‘Безбеден град’, системот за казнување? Сите оние што ова треба да го спроведат, многу добро го знаат, но поради политичка волја решаваат да го одложат до некое наредно време? До нечиј туѓ мандат, со цел да не се изгубат политички поени. А во меѓувреме не се губат поени, туку се губат животи“,
кажа таа.
Крсто Минговски, претседател на „Еуромобилност“, смета дека немањето јавен превоз во Скопје направи секоја куќа да има по два или три автомобили.
„Сообраќајна култура кај нас нема“,
додаде тој.
Под слоганот „Стоп за сообраќајното насилство“ вчера на плоштадот во Неготино се одржа протест за правда за прерано згаснатиот живот на Фросина Кулакова, која на 29 јануари беше прегазена поминувајќи на пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, но и за сите жртви во сообраќајот.
Фросина Кулакова од Неготино на 29 јануари загина во сообраќајна несреќа откако во неа со автомобил удри 20-годишниот Васил Јованов, кој сега е во притвор.
Изминатиот викенд се одржаа неколку протести низ главниот град, на кои се бараше правда за прерано згаснатиот живот на Фросина.
Организаторите на протестите бараат безбедни улици за сите, строга контрола за возење под дејство на алкохол и наркотици, најстроги казни за оние што возат без дозвола или намерно ги загрозуваат животите на другите, но и одговорност од институциите и крај на заташкувањето на сообраќајните злосторства и правна правда за жртвите.