Владејачката партија предупредува дека земјата може да влезе и во уставна криза ако изборите не завршат што поскоро, додека опозицијата тврди дека сѐ уште не е под контрола здравствената криза
Државата може да влезе во уставна криза ако што побрзо не завршат десеттите парламентарни избори, така што и институциите ќе добијат нов легитимитет, предупредија претпладнево од СДСМ.
„Потребни се избори во првиот можен рок, заради заштита на здравјето на граѓаните и подготовки за новиот пик од коронавирусот наесен, за побрзо закрепнување и трансформирање на македонската економија и повторно ставање во функција на институциите кои се клучни за нормално функционирање на системот. Со нов легитимитет од граѓаните, политичка влада и Собрание. Не смееме да дозволиме да се нанесе штета на државата, штета на граѓаните и никако не смееме да дозволиме земјата да се воведе во уставна криза. СДСМ тоа нема да го дозволи. СДСМ е одговорна партија, ние сакавме компромис и затоа и учествуваме на лидерските средби. Но, ако ВМРО-ДПМНЕ не сака договор, ние нема нема да дозволиме штета на државата и граѓаните. Договор е можен се додека трае вонредната состојба. Ако нема договор, по сила на закон датумот за избори води на 21 јуни“,
се наведува во соопштението на СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека изборите треба да се планираат врз основа на резултатите од масовен скрининг на населението за отпорноста на коронавирусот.
„Пред Заев, Филипче и СДСМ да тераат политика и да брзаат на избори за да го ублажат својот пораз, треба да спроведат повеќе тестирања и масовен скрининг на населението, за да се открие вистинската епидемиолошка слика и врз основа на тоа да се планираат епидемиолошки мерки, но и избори и датуми. Прво Македонија треба да ја победи корона епидемијата, а потоа да ги победи и Зоран Заев и СДСМ на фер, демократски и кредибилни избори“,
се наведува во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека, додека во регионот епидемијата од коронавирусот драстично се намалува, кај нас процесот е обратен. Хрватска и Албанија, како што се посочува, бележат по два нови случаи, Словенија нема ни еден, а во Македонија бројот на новозаразени се искачи на 40 и уште еден почина.