Доколку потрошувачот не е задоволен од добиениот одговор или не добие одговор во законски предвидениот рок од осум дена, од РКЕ велат дека приговор може да се поднесе и до нив како второстепен орган

Сите домаќинства што добиле сметки за струја и имаат првпат фактурирана потрошувачка во четвртиот блок, „ЕВН хоум“ е должен да ги коригира сметките за електрична енергија, велат од Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од РКЕ велат дека „ЕВН хоум“ треба да направи соодветна распределба по блокови согласно историјатот на просечната потрошувачка на домаќинството во последните три пресметковни периоди.
Потрошувачите, додаваат од РКЕ, што се незадоволни од пресметката на потрошената енергија и износот на сметката, можат да поднесат приговор до универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“.
Доколку потрошувачот не е задоволен од добиениот одговор или не добие одговор во законски предвидениот рок од осум дена, од РКЕ велат дека приговор може да се поднесе и до нив како второстепен орган.
За приговорот што се поднесува до РКЕ нема пропишано посебна форма или формулар и кон него треба да приложат копија од вложениот приговор до „ЕВН хоум“, одговорот што го добиле оттаму и копија од сметката по која приговараат.
Приговорот може да се достави во архивата на РКЕ или електронски на мејлот [email protected] и [email protected] .
Оттаму додаваат дека против решенијата на РКЕ незадоволната странка може да поведе управен спор.
Од 1 јануари 2025 година цената на струјата за просечна потрошувачка во сите четири блокови е зголемена за 0,92 отсто. Во прв блок цената е зголемена за 0,68 отсто, во втор блок за 0,90 и во третиот блок за 1,93 проценти. Зголемувањето на цената по блокови е најголемо во четвртиот блок и тоа за 2,24 отсто.
Регулаторната комисија за енергетика, се додава во соопштението, ги повикува политичките партии да не ги политизираат одлуките на РКЕ кое е независно тело.