Фокусот, како што рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, е ставен на булеварите бидејќи тие се „црните точки“ и места на најчести трагични сообраќајни несреќи
За намалување на жртвите во сообраќајот, чија бројка минатата година изнесувала 142, министерот вели дека ќе придонесе спроведувањето на проектот „Безбеден град“ кој ќе прерасне во „Безбедна држава“
По неодамнешната трагична сообраќајна несреќа во која загина 22-годишната Фросина, во Скопје започнаа да се спроведуваат засилени контроли од страна на сообраќајната полиција. Еден од контролните пунктови во главниот град вечерва ги посети министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Фокусот, како што рече, е ставен на булеварите бидејќи тие се „црните точки“ и места на најчести сообраќајни несреќи со човечки жртви.

Министерот упати апел до сите учесници во сообраќајот, особено до возачите, да ги почитуваат сообрачајните правила, да не возат со брзина над дозволената, да не минуваат на црвено ниту, пак, да забрзуваат на жолто светло на семафорот, да не возат под дејство на алкохол зашто, како што рече:
„Највредното нешто што го имаме во државата се луѓето, односно човечкиот живот.“
Тошковски најави дека МВР ќе делува максимално активно и превентивно во рамки на своите надлежности со цел поголема безбедност во сообраќајот.
„Најголем број сообраќајни прекршоци се со возење со брзина поголема од дозволената. Само во текот на вчерашната вечер санкционирани се 360 учесници во сообраќајот, од кои 29 возачи управувале без возачка дозвола, четворица под дејство на алкохол, а 79 возеле со брзина над дозволената. Ова е само во текот на вчерашниот ден, на територија на Скопје“,
информира министерот.
За намалување на жртвите во сообраќајот, чија бројка минатата година изнесувала 142, министерот вели дека ќе придонесе спроведувањето на проектот „Безбеден град“ кој ќе прерасне во „Безбедна држава“.
„Овој проект апсолутно ќе помогне во зачувување на човечките животи и во зголемување и имплементирање на сообраќајна култура која ни е потребна. Сигурен сум дека во иднина со макотрпна работа, реализација на планираните проекти и усогласување на законската регулатива ќе имаме значително помали бројки на жртви од сообраќајни незгоди“,
додава Тошковски.