Реакцијата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, следува по најавата на премиерот Христијан Мицкоски дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ќе достават иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет
Потребни се темелни реформи на правосудството и тоа го очекуваат граѓаните. Но, реформи кои ќе значат независно и ефикасно судство кое ќе обезбеди правда. Не смееме да дозволиме правдата која ја бараат граѓаните да се претвори во нова партизација и окупација преку смена на Судскиот совет од страна на власта, реагира лидерот на СДСМ, Венко Филипче, по најавата на премиерот Христијан Мицкоски дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ќе достават иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет.
„СДСМ бара следните чекори и реформи во правосудството да се прават со консензус на сите партии во Собранието. Потребен е национален, натпартиски пристап кој ќе обезбеди реформи согласно европските препораки. За тоа е потребно формирање на заедничка работна група во Собранието кое ќе ги дефинира, контролира и заеднички спроведува реформите во овој чувствителен сегмент. Доколку ВМРО-ДПМНЕ има искрена намера, ова ќе го прифати. Во спротивно ќе значи дека имаат сосема различни намери“,
напиша Филипче на својот фејсбук-профил.

За иницијативата што ќе биде поднесена и која се однесува на петтемина членови што се избираат во Собрание, Мицкоски денеска во изјава за медиумите рече дека не е можно да се направи целосно распуштање, туку да се избере Судски совет кој објективно и без партиски стеги ќе носи одлуки.
„Не е тајна ако кажам дека граѓаните не се задоволни од начинот како функционира судско-обвинителскиот систем. Дека тоа е едно мочуриште кое изобилува со многу контроверзии и скандали. Не можеме да направиме целосно распушатење, ниту пак можеме за така кратко време да ги детектираме аномалиите, но можеме да избереме Судски совет кој објективно, без партиски стеги ќе може да го разбистри ова политичко мочуриште и да биде своевиден монитор на тоа како судиите се однесуваат, какви одлуки носат и зошто“,
рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање.
Тој вели дека и покрај тоа што ќе се изгласа интерпелација, тие може да останат и понатаму да бидат дел од Судскиот совет.
Очекувањата на Мицкоски се дека доколку парламентарците изгласаат недоверба на членовите на Судскиот совет, тие ќе бидат доблесни и ќе се повлечат.
Во спротивно, додаде тој, има и други механизми и алатки.
Најавите за разрешување на членови на Судскиот и на Советот на јавните обвинители владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги истакнуваше уште во предизборието, а со идентична реторика продолжи и по формирањето на Владата.