Претседателката на државата на средбата, како што соопштија од нејзиниот кабинет, изразила разбирање за влошената положба на македонското малцинство во Албанија и ја реафирмирала потребата од стратешки пристап во решавањето на нејзиниот статус и заштита на правата, согласно европските и меѓународните документи
Делегација на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) денеска била примена од претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова. На средбата, претставниците на единствената политичка партија на Македонците во Албанија укажале на состојбите на македонското малцинство, истакнувајќи дека се соочуваат со пропаганда и обиди за асимилација коишто го загрозуваат нивниот национален и културен идентитет, соопштија од кабинетот на претседателката.

Тие, како што се наведува во соопштението, изразиле незадоволство од односот на албанските институции кон нив, како на државно, така и на локално ниво.
Претставниците на МАЕИ рекле дека недоволната заштита и поддршка ја ставаат македонската заедница во неизвесна положба изложена на перманентни притисоци.
„Побараа поголемо учество на македонските власти, како и нивна помош во надминувањето на енормните проблеми со коишто се соочуваат. Отворено изразија став за отсуство на државна стратегија за заштита на положбата на Македонците во Албанија“,
се вели во соопштението.
Во разговорот, тие ја информирале претседателката за досегашните партиски иницијатви, како и за планираните активности, а во правец на зајакнување на нивната национална и културна самобитност.
Претседателката Сиљановска-Давкова од своја страна изразила разбирање за влошената положба на македонското малцинство во Албанија и ја реафирмирала потребата од стратешки пристап во решавањето на нивниот статус и заштита на правата, согласно европските и меѓународните документи.