Премиерот рече дека деновиве добивал пораки дека имало уште неколку случаи кои биле слични или можеле да бидат слични како оној во кој животот го загуби младата девојка и кои, како што наведе, треба да се доистражат
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалиција наскоро ќе излезе со конкретните предлози со кои ќе излезе в петок на јавната расправа во Собранието за утврдување на потребата од законски измени за зголемување на безбедноста во сообраќајот, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски додавајќи дека она што според него е важно е решенијата да бидат системски, а не ад хок.
Сообраќајката во која животот го загуби 22-годишната Фросина Кулакова, поради која е и иницирана јавната расправа, според премиерот, е резултат на ад хок решавање на работите и овој случај треба сите да не освести, а најмногу оние кои поради политичка моќ интервенирале кадровски во обвинителството и судството.
„Јас можам да го кажам е дека работите треба системски да се решаваат, а не ад хок. Овој пример, за жал, каде што прерано згасна еден млад човечки живот треба сите нас да нè освести, но прстот на чело најмногу треба да си го стават сите оние коишто за да ја зајакнат својата политичка моќ, интервенираа кадровски во рамките на обвинителството и судството и тоа е нешто што треба да не опоменува, континуирано и сега и генерациите што следат. Бидејќи грешките некогаш знаат да бидат фатални, а видовте како се случи еден дивјак, на начин како што управуваше со моторно возило, да одземе еден млад човечки живот“,
рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата на која беше соопштено дека следната недела ќе бдие отворен вториот повик за доделување на пари од унгарскиот кредит наменети за капитални проекти за општините.
Премиерот рече дека деновиве добивал пораки дека имало уште неколку случаи кои биле слични или можеле да бидат слични како оној во кој животот го загуби младата девојка и кои, како што наведе, треба да се доистражат.
Говорејќи во тој контекст, Мицкоски уште една повтори дека сето тоа се должи на отсуството на системски решенија.
„Мораме да имаме системски решенија за да вакви несреќи не ни се случуваат. А, јас оние политички некрофили и луѓе коишто одлучуваат да печалат политички поени на овој случај оставам на нивната чест и совест“,
рече премиерот.
Прашан дали се планираат нови измени на Кривичниот законик, а во контекст на јавната расправа закажан в петок, Мицкоски кажа дека се разгледува таа можност, но измените во КЗ, како што посочи, ќе бидат затоа што тоа го бара Европската Унија и нашата амбиција да бидеме дел од неа.
„Се разгледува и таа можност, како и усогласување со нацрт-извештајот кој од Оценската мисија е доставен до Министерството за правда, и во рамките на европската пракса и во рамките на тој извештај се разбира дека размислуваме. Се разбира тоа е и услов за нас од скрининг-процесот и од нашата амбиција да бидеме дел од европското семејство. Така што тоа нема да биде Кривичен законик поради тоа што ние имаме некакви политички договори со некого за застарување (на кривични дела н.з.), амнестија и сл., туку тоа ќе биде во духот на она што од нас го бара Европската Унија и преговарачкиот процес“,
рече Мицкоски.
Претходно денеска лидерот на опозицискиот СДСМ и пратеник во Собранието одговарајќи на новинарски прашања, соопшти дека изминатите денови подготвиле неколку предлог-законски решенија, што ќе ги презентираат на јавната расправа.
Заострување на казните за тешките прекршоци во сообраќајот и поставување полицаец пред и во секое училиште за време на наставата се двата конкретни предлога за кои денеска информираше Филипче.
В петок во Собранието ќе се одржи јавна расправа со цел анализа и утврдување на потребата за изменување на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот. Барањето за одржување на јавната расправа е на иницијатива на владејачките ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и Движењето ЗНАМ.
Најавата за одржување јавна расправа за зголемување на безбедноста во сообраќајот доаѓа во момент кога во фокус на јавноста и натаму е трагичната сообраќајна несреќа од минатата среда, во која по удар од автомобил на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје загина 22-годишната Фросина Кулакова од Неготино.
Возилото со кое таа била усмртена, според истражните органи, без возачка дозвола го управувал 20-годишен скопјанец, кој критичната вечер во алкохолизирана состојба со голема брзина поминал на црвено светло додека младата девојка поминувала на пешачки премин.
Републичкиот јавен обвинител, вчера изјави дека против осомничениот возач Васил Јованов се води постапка за сторено најтешко кривично дело од областа на безбедноста на сообраќајот, посочувајќи оти е неспорно дека станува збор за сторено кривично дело со умисла.