„Најголемите шверцери, така да ги наречам, на телефони, на дрога, на недозволиви предмети, се вработени од затворот. За тоа мене никој не може да ме разувери дека е така. Еден телефон 250 евра. Тој вчера бил продаден за 400 евра. Тоа се многу пари“, вели директорот на Управата за извршување санкции
Суспендиран е затворскиот полицаец што го пренел мобилниот телефон од една во друга ќелија за тој да стигне до Васил Јованов, вели директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов.
Тој во вечерашното гостување во „Топ тема“ на телевизија Телма даде објаснување како мобилниот телефон стигнал до Васил Јованов, кој е во притвор откако вечерта на 29 јануари, петнаесетина минути пред полноќ со автомобил удри во 22-годишната девојка Фросина Кулакова на булеварот „Партизански одреди“, а која им подлегна на повредите на самото место.
„Тој од првиот момент бара да обезбеди мобилен телефон. Стапува во контакт со притворено лице од соседна ќелија и тој му бара 250 евра за тој телефон. Парите се исплатени на братот на притвореното лице од соседната ќелија од близок член од фамилијата на Васил Јованов“,
рече Пандов.
Потоа, додаде тој, прават сцена дека во ќелијата на Васил Јованов на некого му се слошува и му паѓа шеќерот. Тогаш, од другата ќелија се понудуваат да дадат кутија со колачи.
Како што рече Пандов, затворски полицаец ја зема таа кутија, и без да ја провери ја носи во ќелијата каде што е Јованов.
Тој затворски полицаец, рече Пандов, е суспендиран.
Прашан дали верува во тоа дека на некого му се слошило, Пандов одговори негативно додавајќи дека за сите предмети што стигаат до притворените, „вратите ги отвораат“ затворските полицајци.
„Најголемите шверцери, така да ги наречам, на телефони, на дрога, на недозволиви предмети, се вработени од затворот. За тоа мене никој не може да ме разувери дека е така. Еден телефон 250 евра. Тој вчера бил продаден за 400 евра. Тоа се многу пари“,
рече Пандов.
Освен за овој суспендиран полицаец, Пандов информира дека, еден ден по него, со истата мерка се соочил и друг.
„Веќе наредниот ден, ова се случуваше во саботата, во неделата директорот на затворот ‘Скопје’, Бобан Утковски, добива информација дека во женското притворско одделение затворски полицаец продава телефон. Утковски оди во таа ќелија, го наоѓа телефонот, добива изјава од притворената и сега и тој затворски полицаец е суспендиран“,
рече тој.
Исто така, Пандов информира и за денешни претреси, што биле направени во 40 ќелии, при што се најдени 70 мобилни телефони.
Претресите, како што рече, се направени од страна на 15 затворски полицајци од интервентната единица.
„Денеска направен е претрес како и пред тоа што се правени. Од првиот месец правам притисок врз директорите да прават претреси, и тоа се прави. Меѓутоа, за жал, она што се наоѓа при тие претреси се некои расходовани телефони, кабли што веќе не се во функција. Во меѓувреме формирана е интервентна единица. Има две такви. Едната е во затворот во Идризово, а другата во Штип. Тие се сега одвоени, формално-правно чекаме да помине вработувањето бидејќи тие треба да бидат унапредени во таа единица, но функционираат и како такви имаме право сега да ги користиме. Такви денеска 15 затворски полицајци, што не се од затворот во Шутка, прават претреси на 40 ќелии и притоа најдени се 70 мобилни телефони“,
додаде Пандов.
Нагласувајќи дека откако е тој на директорската функција во Управата за извршување санкции, има 100 дисциплински постапки што се водат против затворски полицајци.
„Има постапки во обвинителството, 32 обвиненија и постапки се водат против затворски полицајци. Откога сме ние како ново раководство, јас како директор на Управата за извршување санкции и директорите по останатите затвори, 100 дисциплински претставки има против затворски полицајци. Дел од овие се суспендирани, не се веќе на работа“,
истакна Пандов.
Во постапките што се водат во Обвинителството, Пандов рече дека има вработени од секаков калибар, односно заповедници, командири.