„Очекуваме поддршка од сите пратеници во Собранието и да ги надминеме системските проблемите со кои се соочуваме изминатите години“, вели координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот
Пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и Движењето ЗНАМ во Собранието поднеле барање за одржување јавна расправа во парламентот и дебата со сите релевантни чинители со цел анализа и утврдување на потребата од измени на законската регулатива во поглед на зголемување на безбедноста на граѓаните во сообраќајот.
За ова на својот фејсбук-профил утринава информира пратеникот и координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Никола Мицевски.
„Очекуваме поддршка од сите пратеници во Собранието и да ги надминеме системските проблемите со кои се соочуваме изминатите години“,
стои во фејсбук-објавата на пратеникот и координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Најавата за одржување јавна расправа за зголемување на безбедноста во сообраќајот доаѓа во момент кога во фокус на јавноста и натаму е трагичната сообраќајна несреќа од минатата среда, во која по удар од автомобил на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје загина 22-годишната Фросина Кулакова од Неготино.
Во врска со несреќата се одржаа два протестни марша во Скопје, а собири имаше и во Кавадарци и Неготино.