„Судијката Даниела Алексовска-Стојановска е избрана токму од ВМРО-ДПМНЕ, во времето на нивниот режим, на 8 февруари 2012 година. Таа е дел од фамозното ‘тефтерче’ на Гордана Јанкулоска, симбол на партиските влијанија врз судството“, велат од опозицискиот СДСМ
Срамно политизирање на трагедијата, ВМРО-ДПМНЕ и Лефков некрофилски етикетираат и ја манипулираат јавноста, реагираат од опозицискиот СДСМ откако денеска пратеникот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, објави дека во домот на судијката Даниела Алексовска-Стојановска е сместен штаб на СДСМ.
Од СДСМ велат дека по трагедијата што се случи со прегазувањето на младата Фросина нацијата е во жалост, а гневот на народот е огромен и реален. Но додаваат дека наместо да преземат одговорност и да бараат решенија за проблемите, од ВМРО-ДПМНЕ етикетираат луѓе, лажат и манипулираат.
„Срамно и недозволиво е ВМРО-ДПМНЕ да го злоупотребува овој трагичен настан кога добро знаат дека и судијката и таткото на сторителот се блиски до нивната партија. Судијката Даниела Алексовска-Стојановска е избрана токму од ВМРО-ДПМНЕ, во времето на нивниот режим, на 8 февруари 2012 година. Таа е дел од фамозното ‘тефтерче’ на Гордана Јанкулоска, симбол на партиските влијанија врз судството. Граѓаните добро знаат како се избираа судии тогаш и чии кадри се тие“,
велат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека етикетирањето и лажните обвинувања се очајна стратегија која покажува дека Владата бега од решенија и јавната болка сака да ја сведе на политички пазар.
„СДСМ нема да дозволи манипулации со човечки трагедии. Ги повикуваме ВМРО-ДПМНЕ да престанат со некрофилски политики и да почнат да бараат решенија за вистинските проблеми – дивеењето по улиците и неспособноста на министерот Тошковски да воспостави ред и безбедност во државата“,
велат од партијата.
Претходно денеска, владејачката ВМРО-ДПМНЕ објави дека во куќа што е во сопственост на таткото на судијката Даниела Алексовска-Стојановска која, како што велат од партијата, го спасила возачот-убиец од затвор за дрога, е сместен штаб на опозицискиот СДСМ.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков објавија и фотографии за кои тврди дека се од партискиот штаб во куќата што се наоѓа во селото Ранковце.
Инаку, во средата (29 јануари) се случи тешка сообраќајна несреќа на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје во која загина 22-годишната Фросина Кулакова. Во неа удри 20 годишен возач за кој подоцна беше објавено дека нема возачка дозвола, а има историја на кривични дела.
Ова предизвика гнев кај граѓаните кои се собраа на протести на местото на несреќата и во родниот град на Кулакова, Неготино. Побараа одговорност и за судијката која многумина ја обвинуваат дека претходно го спасила од притвор проблематичниот возач.
Случајот сега е и предмет на партиски препукувања меѓу власта и опозицијата за тоа до која партија е поблиска судијката.