„Ваквиот вид на кривична санкција (упатување во воспитно поправен дом) овој суд смета дека ќе има силно влијание во позитивна смисла за неговото понатамошно однесување во текот на животот, особено имајќи во предвид дека досегашната мерка притвор определена и продолжувана со решенија на овој суд, влијаела пред се од воспитен карактер, да обвинетиот размисли што сторил, кои се последиците и сериозноста на ова кривично дело, последиците по однос на здравјето од конзумација на ваков вид дрога кои само го однеле на лош пат“, се вели во пресудата што Основниот кривичен суд ја објави денеска
Судот го респектира и го застапува ставот дека целите на кривичните санкции не треба да претставуваат казнување и одмазда на сторителите, туку пред се нивна ресоцијализација за да во иднина не се јавуваат како извршители на други кривични дела.
Вака ценел Основниот кривичен суд Скопје кога на 31 јули лани го донел решението со кое го прогласил Васил Јованов за виновен и му одредил мерка упатување во воспитно-поправен дом во Тетово.
Васил Јованов е дваесетгодишникот кој сега е осомничен дека под дејство на алкохол, движејќи се со голема брзина и поминувајќи на црвено светло на семафор завчера вечерта смртно ја прегазил 22-годишната Фросина Кулакова додека поминувал на пешачки премин.
Настанот предизвика бурни реакции во јавноста, откако беше објавено дека момчето претходно се водел судски процес во кој бил казнет со воспитна мерка.
Скопскиот кривичен суд попладнево ја објави неправосилната пресуда, односно решение од постапката во која на Јованов му се судело за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и прекурсори.
Судскиот процес уследил откако кон крајот на март лани, кај него биле пронајдени повеќе паковки со марихуана и кокаин.
Процесот траел 24 до 31 јули 2024, а го водела судијката Даниела Алексовска- Стојановска, која ја донела и пресудата.
Во дел од образложението во неа се дека воспитната мерка – упатување во воспитно поправен дом е адекватна, а судот ги ценел личноста на обвинетиот, неговата младост и недоволното животно искуство, опкружувањето во кое се нашол во време на сторување на делата, „во друштво каде што конузмирањето наркотици очигледно било секојдневие“.
„Имено, судот, со вака изречената воспитна мерка – заводска мерка-упатување во воспитно поправен дом Т., на обвинетиот како помлад полнолетник му дава можност, воочената и направената грешка да ја отстрани без потешки последици за него, за одреден временски период да го оттргне од средината, која очигледно лошо му влијаела, но сепак тоа да не биде во казнено-поправна установа, туку во воспитно-поправен дом, каде што и едукативниот процес нема да затаи, а се со цел обвинетиот да биде насочен кон еден правилен пат и развој и да стане корисен член на општествената заедница. Ваквиот вид на кривична санкција овој суд смета дека ќе има силно влијание во позитивна смисла за неговото понатамошно однесување во текот на животот, особено имајќи во предвид дека досегашната мерка притвор определена и продолжувана со решенија на овој суд, влијаела пред се од воспитен карактер, да обвинетиот размисли што сторил, кои се последиците и сериозноста на ова кривично дело, последиците по однос на здравјето од конзумација на ваков вид дрога кои само го однеле на лош пат. Оттука, на обвинетиот му се дава уште една можност да го поправи своето поведение, да продолжи да чекори кон правиот пат, оттргнат од негативни дејанија“,
се вели во пресудата на Основниот кривичен суд Скопје од 31 јули лани.
При нејзиното изрекување судујката се повикала членови од Законот за заштита на правата на децата, бидејќи Јованов кој тогаш со неполни 20 години се водел како помлад полнолетник, односно лице кое наполно 18, но е наполнило 21 година.
Времето, кое според решението на судот требало да го помине во воспитино-поравниот дом во Тетово било најмалку шест месеци и максимум пет години.
Но тој, никогаш не се појавил таму бидејќи предметот е во жалбена постапка во Апелацискиот суд Скопје, кој сè уште не се произнел.
Инаку, за време на судењето Јованов изразил каење, но не признал вина за кривичните дела за поседување и продажба на наркотици.
Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, пак, барал при одмерувањето на видот и висината на санкцијата судот да има предвид дека нивните сознанија говорат дека обвинетиот неколкупати пред настанот (кога биле откриени наркотиците н.з.) бил прегледуван и му била одземена наркотична дрога која била за употреба, а во еден наврат од возило кое го управувал му била одземена и вага.
„Застапникот на обвинението истакна дека со неприфаќање на признание за вина обвинетиот всушност ја пропушти можноста доброволно да ги прифати последиците од своето однесување и со тоа да не убеди нас како претставници на системот, особено судот, дека го сфатил значењето на своите постапки и дека е подготвен да преземе одговорност“,
стои во решението на судот.
Инаку, од Кривичниот суд претходно преку соопштение информираа дека на Јованов му е изречена мерка притвор по барање на Обвинителството во врска со сообраќајката во која смртно настрада младата Фросина Кулакова.
Од Судот изразија жалење на загубениот млад човечки живот, но велат да за нив е нејасна конекцијата која се создава во јавноста за кривичен предмет кој во прв степен е завршен со заводска мерка на одредено лице за едно кривично дело, со друго кривично дело кое е сторено седум месеци.
„Дали некој во правосудниот систем можел да претпостави дека обвинетиот после 7 месеци од донесената пресуда со која истиот треба да се институцијализира, може да стори друго кривично дело, па заради тоа требало да биде задржан во притвор. Законите во нашата земја како и Меѓународните конвенции за човекови права тоа не го дозволуваат. Дали за системскиот проблем со црните сообраќајни точки, каде не ретко се случуваат сообраќајни несреќи, вината е на судството, ако се има предвид било кој граѓанин кој претходно не бил во судир со законите, може да предизвика сообраќајна несреќа со жртва заради недозволена брзина, управување под дејство на алкохол и не поседување возачка дозвола. Станува збор за општествен проблем“,
се вели во соопштението од скопскиот Основен кривичен суд.
Денеска поголем број граѓани излегоа на протест на протест на булеварот „Партизански одреди“, на местото каде што е прегазена младата Фросина, а потоа се упатија кон Кривичниот суд, откако претходно својот револт го изразија пред зградите на Јавното обвинителство и Собранието.
Студентите беа во првите редови на протестот. Извикувајќи повеќе пароли со кои бараа правда за младата Фросина, тие на плочникот пред Кривичниот суд оставија отпечатоци од раце намачкани со црвена боја.
Граѓаните бараа правда за сите жртви од сообраќајни незгоди, како зголемено полициско присуство на улиците, да се вратат позорникарите и да се казнат виновниците за овој случај – од обвинетиот до обвинителите и судиите кои го ослободувале младиот возач за претходните дела.
Поврзани вести:
- Возачот што смртно ја прегази 22-годишната девојка во април лани бил во притвор, а во 2022 година направил уште една сообраќајка
- За Кривичен е нејасно зошто се поврзува случајот во кој осомничениот возач е пуштен од притвор со сообраќајката на „Партизанска“
- Возел под дејство на алкохол, немал возачка дозвола и поминал на црвено – детали за несреќата на „Партизанска“