Министерката за образование ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање дали следниот предвиден чекор за концепцијата за гимназиско образование ќе се пролонгира, со оглед на тоа што за нејзината содржина има забелешки и несогласувања, особено од институти и катедри од Филозофскиот факултет
Можеби звучи контрадикторно, но јас сум навистина многу задоволна што новата концепција предизвика такви бурни дискусии, разговори, предлози – вели министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Таа ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање дали следниот предвиден чекор за концепцијата за гимназиско образование ќе се пролонгира, со оглед на тоа што за нејзината содржина има забелешки и несогласувања, особено од институти и катедри од Филозофскиот факултет.
„Секако дека може да се продолжи, секако дека ние многу сериозно ги сфаќаме сите изјави дадени од сите факултети, иако главно станува збор за Филозофскиот факултет. Веќе еднаш кажав дека ова е нацрт-концепција и дека може да претрпи промени. Ќе продолжиме, малку ќе се придвижиме и на терен и секако дека ќе работиме и понатаму на подобрување на концепцијата“,
изјави министерката за образование и наука.
Јаневска изрази задоволство што младите даваат силна поддршка за концепцијата за гимназиско образование, за разлика од дел од стручната јавност.
По објавувањето на нацрт-концепцијата на официјалната веб-страница на Бирото за развој на образованието, МОН ги повика сите наставници, ученици, родители, експерти и заинтересирани страни со свои мислења, предлози и забелешки и да се вклучат во јавната дискусија за усвојување на најдобрата верзија.