„Не е точно дека нема јавна дебата. Бев на Филозофскиот факултет и се сретнав со деканот, со раководителите на институтите. Разговаравме и сметам дека дискусијата беше конструктивна. Се договоривме во рок од осум до десет дена да дадат предлог каква треба да биде концепцијата“, рече министерката за образование
Ниту еден наставник нема да остане без работа поради новата концепција за реформа во гимназиското образование. Напротив, таа е направена со цел наставниците да бидат повеќе ангажирани, со цел нашите ученици на ПИСА-тестирањата да одат погоре за барем две скалила. Ова денеска го изјави министерката за образование, Весна Јаневска, од собраниската говорница, одговарајќи на пратеничко прашање поставено од пратеничката Даниела Николова од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), која се осврна на реакциите на стручната фела за предложената концепција, со која, како што рече, предметите социологија и филозофија стануваат изборни, а етика, логика и педагогија целосно ќе се укинат, што ќе придонесе и многу професори да останат без работа.

За обвинувањата од пратеничката Николова дека не се прави сериозна јавна дебата за ваква сериозна реформа, министерката Јаневска рече дека нацрт-концепцијата е ставена на дебата пред пошироката јавност.
„Не е точно дека нема јавна дебата. Бев на Филозофскиот факултет и се сретнав со деканот, со раководителите на институтите. Разговаравме и сметам дека дискусијата беше конструктивна. Се договоривме во рок од осум до десет дена да дадат предлог каква треба да биде концепцијата“,
рече таа.
Посочи дека гимназиското образование не е реформирано 24 години и дека учениците толку години учат по истите учебници.
Според неа, сите изборни предмети, секоја дополнителна активност на наставникот ќе биде вреднувана и ако има 16 часа по предметот и четири часа по кој било друг изборен предмет.
Повтори дека нема опасност наставниците да останат без работа.
На обвинувањата дека учениците со укинување на одредени предмети ќе останат без критичка мисла, Јаневска рече дека програмата ќе трпи промени, ќе има јавни дебати за сè што треба и за сè што може да се промени.
„Од она што може да се види какво е нашето општество, ги молам професорите на Психологија, Социологија и Филозофија, малку повеќе да се вклучат, тие се носителите и врвот на она што се вика општествена наука и креатори на тоа ова општество да оди напред“,
вели Јаневска.

Пратеничката Даниела Николова од СДСМ рече дека се потребни реформи во образованието, но дека е важен начинот на кој тие се реализираат, потенцирајќи дека е нужна јавна дебата.
На нацрт-концепцијата реагираше и Институтот за филозофија при УКИМ, приклучувајќи им се на гимназиските професори по филозофија, логика и етика кои преку отворено писмо пред неколку дена остро предупредија дека новата Концепција за реформи во гимназиското образование предвидува отстранување на овие предмети од наставната програма, промена што, според нив, ќе создаде генерации ученици со ограничено критичко размислување и недостаток на етичките и логичките принципи.
На 16 јануари годинава, Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието соопштија дека е изработена нацрт-концепција за реформи во гимназиското образованиe. Ги повикаа наставниците, учениците, родителите, експертите и сите заинтересирани страни да дадат свои мислења, предлози и забелешки, со што би се вклучиле во јавна дискусија за усвојување на најдобрата верзија од оваа нацрт-концепција.
Концепцијата е достапна на официјалната страна на Бирото за развој на образованието, а коментари можат да се испраќаат најдоцна до 31 јануари на имејл-адресата: [email protected].
