Одговарајќи на новинарско прашање со кои веледрогерии е склучен договор за набавка на лекови за Онкологија, министерот рече дека се повеќе, но дека од попознатите тоа се „Алкалоид“ и „Пановски“. Додаде дека станува збор за вкупно четири или пет компании
Неколку лека за онколошките пациенти веќе се стигнати. Утре стигнуваат два лека, а во понеделник уште три. Со тоа, ќе ги имаме сите лекови што се потребни за пациентите на Клиниката за онкологија. Ова денеска го соопшти министерот за здравство Арбен Таравари, посочувајќи дека е обезбедена биолошката терапијата за пациентите, која недостасуваше само за пет отсто од пациентите.

„Првпат се случува терапија да нема десет дена. Да не заборавиме дека 95 отсто од пациентите примаат редовно терапија. Недостасуваше само за пет отсто од пациентите. Оваа набавка која сега ја користиме не сме ја направиле ние, туку претходното раководство. Но, тоа е неважно за пациентите. Битно е тие да имаат терапија“,
рече тој.
Додаде дека недостасувала терапија за 20 до 30 пациенти, но дека и да се работи за еден пациент, е многу.
„Затоа максимални напори правиме од следната недела сите да бидат третирани“,
вели министерот.
Се надева дека пациентите ќе бидат навремено покриени и со имунолошка терапија, која е различна од биолошката, и дека нема да има криза.
„Се обидуваме да изгасиме пожари што се предизвикани однапред. Овие тендери за оваа количина на лекови се направени од претходното раководство. Но, за пациентите тоа не е важно. Со новиот начин на набавка на лекови се надевам дека нема да се случи идниот јануари или февруари да недостасуваат лекови“,
кажа Таравари.
Одговарајќи на новинарско прашање со кои веледрогерии е склучен договор за набавка на лекови за Онкологија, министерот рече дека се повеќе, но дека од попознатите тоа се „Алкалоид“ и „Пановски“. Додаде дека станува збор за вкупно четири или пет компании.
„Отворена е конкуренцијата за сите. Вредноста е некаде од 500 до 700 илјади денари“,
рече тој.
Во изјава за медиумите директорот на Онкологија, Игор Стојковски, завчера рече дека повеќето од пациентите што се третираат на Клиниката ја примаат потребната терапија. Според него, во моментов има недостиг на лекови кои се дел од третманот за 40-60 пациенти.