„Премиерот видовме дека пушти некаква реакција и се добива впечаток дека тој е цело време изненаден од некои изјави на коалициските партнери. Пред некој ден од Таравари, понатаму и од изјавите на гости коишто доаѓаат од странство. Ние мора да внимаваме кој доаѓа и какви гости каниме, поради тоа што ние сме земја членка на НАТО“, смета лидерот на СДСМ
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, во Скопје испрати загрижувачки и опасни пораки. Мора да внимаваме кој доаѓа и какви гости каниме, вели лидерот на СДСМ коментирајќи го говорот на Додик на настанот во Скопје организиран по повод празникот на српската заедница во државава – Свети Сава, со којшто испрати анти-ЕУ и анти-НАТО пораки и го негираше геноцидот во Сребреница.

„Премиерот видовме дека пушти некаква реакција и се добива впечаток дека тој е цело време изненаден од некои изјави на коалициските партнери. Пред некој ден од Таравари, понатаму и од изјавите на гости коишто доаѓаат од странство. Ние мора да внимаваме кој доаѓа и какви гости каниме, поради тоа што ние сме земја членка на НАТО. Дополнително, можеби тоа се изјави кои ги навредуваат чувствата на припадници на одреден народ кај нас, а ние сме мултикултурно, мултинационално, мултиетничко друштво и тоа е нашето најголемо богатство. Треба да се запрашаат можеби и безбедносните служби, знаеле ли кој ќе дојде и какви изјави ќе даваат? Дали можеби станува збор и за хибриден напад? Дали процениле, дали се тоа изјави коишто на една земја членка на НАТО ѝ одат против државните интереси?“,
изјави Филипче за ТВ 21.
Екипа на „360 степени“ ја следеше Светосавската академија во Македонскиот народен театар во Скопје и како најконтроверзен го оцени говорот на претседателот на Република Српска, Милорад Додик.
Додик, иако на почетокот говореше за важноста на Свети Сава, кон средината на говорот се осврна на српскиот идентитет во Република Српска, велејќи дека тоа е држава и дека тие сакаат да живеат во своја држава, притоа не сакајќи да нанесат зло на никој друг.
Зборувајќи за војната во Босна, кажа дека одредени лица како поранешниот претседател на САД, Џо Бајден, лажат дека српскиот народ извршил геноцид врз муслиманското население.
„Нашата историја секогаш била на страната на победниците, чесни победи низ историјата. Српскиот народ, иако сакаат да му стават етикети од минатата граѓанска војна во Босна и Херцеговина, лажат кога зборуваат за геноцид или за било што друго. За жал, се случи војна во која умираа сите, а лажеа кога говореа дека ние убивме 300 000 припадници на друг народ. На база на лаги кои тогаш ги пласираа Бајден и неговата администрација, тие направија конфликт со нас во Република Српска и не сакаат ниту денес да нè пуштат да живееме на слобода“,
рече тој.
Додик ја спореди војната во Украина со ситуацијата во Босна и Херцеговина и рече дека Русија на чело со Владимир Путин прави сè што е можно за да го заштити руското малцинство во Украина и тоа во вистински момент и време, притоа велејќи дека жали што сепак мора да има настрадани во конфликтот, но оти Русија не смеела да дозволи НАТО да се постави во близина на Москва.
Во однос на Европската Унија, Додик кажа дека иако тоа е стратешка цел за Србија, таа е лицемерна, што докажала токму со примерот на Македонија.
„Ние го почитуваме изборот на Македонија и политичките насоки по кои се движи, но ние Србите, по бомбардирањето од страна на НАТО, не можеме да бидеме членки на НАТО, ниту Србија ниту Република Српска. Ние сме на европскиот пат, но гледаме дека таа Европа најмногу се посрамоти со Македонија која направи многу отстапки, а за возврат доби малку од Европа и мораме еден ден да застанеме и да размислиме дали овој пат треба да продолжи, бидејќи што ни дава Европа? Начин на живот, добро, но што остана од неа, од тие вредности? Дали Европа има лидер – нема. Дали има суровини – нема. Европа ја изгуби глобалната конкурентска способност и затоа треба да се свртиме кон себе, кон нашите најблиски и да ги градиме животите во мир и сигурност“,
кажа Додик.
Одговарајќи на новинарски прашања, премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека не очекувал оти Додик ќе ја злоупотреби свечената Светосавска академија за испраќање такви пораки.
„Во делот на содржината на говорот кој се однесува на анти-ЕУ, анти-НАТО и слично, категорично го отфрлам и апсолутно не се согласувам. Навистина не очекував дека ќе го злоупотреби тој настан со испраќање такви пораки“,
рече Мицкоски.