„Итно е спроведена постапка за смена на докторот од раководната позиција во болницата, а во консултација со Министерството за здравство и постапка за суспензија додека трае процесот на истражните органи, според важечките законски прописи“, велат од битолската Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“
Директорката на Клиничката болница во Битола, Ненси Лозанче, во име на јавната здравствена установа се огради од постапката на лекарот кој е уапсен поради примање поткуп.

Во соопштението на директорката, што го пренесе МИА, се вели дека Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ е запознаена со случајот од страна на Секторот за внатрешни работи Битола и дека ги охрабрува истражните органи да постапат транспарентно и законито.
„Како Клиничка болница се оградуваме од постапката на посочениот доктор. Категорично сме против и силно ја осудуваме секоја намера на здравствен работник да оштети пациент на било кој начин и во било која форма“,
се вели во соопштението.
Според директорката, во врска со случајот, веднаш е спроведена постапка за смена на докторот од раководна позиција и негова суспензија додека трае постапката на истражните органи.
Како што пренесоа дел од медиумите, осомничениот доктор бил началник на хируршкото одделение во болницата.
„Итно е спроведена постапка за смена на докторот од раководната позиција во болницата, а во консултација со Министерството за здравство и постапка за суспензија додека трае процесот на истражните органи, според важечките законски прописи“,
наведуваат од Битолската клиничка болница.
Како што соопштија денеска од Министерството за внатрешни работи, станува збор за 64-годишен хирург, кој на 27 јануари, откако извршил хируршка интервенција, побарал 150 евра за да се почести за завршената работа.
Од МВР информираа дека на хирургот му биле дадени побараните пари, откако претходно биле крим-технички обележани.
Основното јавно обвинителство Битола доставило предлог за определување мерка притвор поради опасност од бегство, а според описот на случајот, оттаму велат дека осомничениот парите ги побарал индиректно, преку сведок.
„Осомничениот, на 27 јануари, како доктор – хирург на Одделението за хирургија при ЈЗУ Клиничка болница ’Д-р Трифун Пановски’ Битола, извршил интервенција – операција на жолчно ќесе врз пациентка, а потоа индиректно, преку сведок, побарал од синот на пациентката да му даде пари во износ од 150 евра за да се почестел за извршената работа. Синот следниот ден во просториите на болницата, во плик му дал на осомничениот три банкноти од по 50 евра. Откако осомничениот ги примил, му бил извршен претрес и овластени службени лица од СВР Битола ги пронашле и одзеле парите“,
соопшти Обвинителството.