Според неа, сите овие факти и бројки го потврдуваат она за што уште од почетокот алармирале дека овој кредит не е економска одлука, туку чисто политички договор, кој е постигнат во четири очи меѓу премиерот Христијан Мицкоски и унгарскиот Виктор Орбан, без никаква консултација и без водење смета за интересите на граѓаните и државата
За кредитот од една милијарда евра, државата ќе плати речиси 500 милиони евра камати во следните 15 години, сума што можеше да се насочи кон училиштата, болниците или патиштата. Дали владата очекува дека економскиот раст ќе ги оправда овие половина милијарда евра камата. Ова денеска на прес-конференција го изјави заменик-претседателката на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Фани Каранфилова-Пановска, посочувајќи дека унгарскиот кредит е најлош можен договор со највисоки камати и скриени трошоци откако вчера Владата на седница донесе одлука за средствата од унгарскиот кредит од 250 милиони евра да станат оперативни, односно дека се ставаат на располагање на компаниите.

„Пред речиси осум месеци премиерот Христијан Мицкоски во четири очи договори кредит од Унгарија во висина од една милијарда евра. Во делот на општините реализацијата е целосно фијаско. Прво требаше да се реализираат 250 милиони евра до крајот на 2024 година, а до тогаш не беше речиси ништо реализирано. Од 250 милиони евра кои беа наменети за општините, досега се искористени само 78 милиони евра. Ова покажува дека мнозинството општини, управувани од ВМРО-ДПМНЕ немаат капацитет за реализација на големи инфраструктурни проекти. Парите остануваат неискористени, додека граѓаните плаќаат камати за нив“,
рече таа.
Според неа, сите овие факти и бројки го потврдуваат она за што уште од почетокот алармирале дека овој кредит не е економска одлука, туку чисто политички договор, кој е постигнат во четири очи меѓу премиерот Христијан Мицкоски и унгарскиот Виктор Орбан, без никаква консултација и без водење смета за интересите на граѓаните и државата.
„Задолжувањето е резултат на блиските односи меѓу двајцата политичари, а не на реалните економски потреби на граѓаните. Тоа ја прави Македонија зависна од Унгарија и го загрозува нашиот политички и економски суверенитет“,
вели заменик-претседателката на СДСМ.
Таа постави неколку прашања, за кои рече дека треба да ги одговори Владата на ВМРО-ДПМНЕ, а како прво е зошто го избрала најлошиот можен договор со највисоки камати и многу скриени трошоци.
Праша и дали Владата со лесните краткотрајни проекти во општините, всушност ќе ги користи парите од унгарскиот кредит за условно кажано поткуп на гласачи во очи локалните избори.
„Колку точно пари ќе потрошиме за правни услуги кои ги наложи унгарската банка и кои исклучиво ги штитат интересите на банката, а не на државата. Зошто граѓаните да ги плаќаат од свој џеб каматите и трошоците на бизнисот, а ултрапрофитабилни компании со тие пари и со парите на граѓаните да градат на пример, трговски центри. Зошто доцни реализацијата на средствата кон општините и зошто наместо капитални инфраструктурни проекти во локалните самоуправи кои реално ќе го помогнат развојот на општината и подобрат животот на граѓаните најголем дел од средствата ќе се потрошат на бекатон плочки“,
праша таа.
Според неа, Владата мора да даде одговори за оваа неодговорна политика и да објасни како ќе ја извади државата од овој финансиски и политички хаос.
Откако Владата на седница донесе одлука за оперативност на средствата од унгарскиот кредит, следен чекот е Развојната банка да ги добие средствата од буџетот кои ќе бидат пренесени во комерцијалните банки и да може да почне пласманот на средствата кај компаниите кои ќе аплицираат.
Компаниите ќе имаат пристап до кредити со рок на отплата до 15 години и грејс-период до три години. Каматната стапка ќе изнесува 1,95 проценти без дополнителни надоместоци за одобрување, управување и предвремена отплата на средствата. Максималниот износ на кредитот ќе биде до 10 милиони евра во денарска противвредност, а во целиот проект се вклучени сите 13 банки.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вчера на прес-конференција рече дека постапката ќе биде транспарентна и критериумите ќе бидат еднакви за сите.
