Премиерот посочи дека не се согласува со содржината од говорот со претседателот на Република Српска, што се однесува на анти-ЕУ и анти-НАТО, како и дека категорично го отфрла
Не очекував дека свечената Светосавска академија ќе ја злоупотреби за испраќање такви пораки, рече денеска на прес-конференција премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање како го оценува синоќешниот говор на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, кој на настанот во Скопје организиран по повод празникот на српската заедница во државава – Свети Сава, испрати анти-ЕУ и анти-НАТО пораки и го негираше геноцидот во Сребреница.

„Во делот на содржината на говорот кој се однесува на анти-ЕУ, анти-НАТО и слично категорично го отфрлам и апсолутно не се согласувам. Навистина не очекував дека ќе го злоупотреби тој настан со испраќање такви пораки“,
рече тој.
Според него, тоа е Свечена Академија, а не место каде што се упатуваат ваков тип политички пораки.
Екипа на „360 степени“ вчеравечер ја следеше Светосавската академија во Македонскиот народен театар во Скопје и како најконтроверзен го оцени говорот на претседателот на Република Српска, Милорад Додик.
Додик, иако на почетокот говореше за важноста на Свети Сава, кон средината на говорот се осврна на српскиот идентитет во Република Српска, велејќи дека тоа е држава и дека тие сакаат да живеат во своја држава, притоа не сакајќи да нанесат зло на никој друг.
Зборувајќи за војната во Босна, кажа дека одредени лица како поранешниот претседател на САД, Џо Бајден, лажат дека српскиот народ извршил геноцид врз муслиманското население.
„Нашата историја секогаш била на страната на победниците, чесни победи низ историјата. Српскиот народ, иако сакаат да му стават етикети од минатата граѓанска војна во Босна и Херцеговина, лажат кога зборуваат за геноцид или за било што друго. За жал се случи војна во која умираа сите, а лажеа кога говореа дека ние убивме 300 000 припадници на друг народ. На база на лаги кои тогаш ги пласираа Бајден и неговата администрација, тие направија конфликт со нас во Република Српска и не сакаат ниту денес да не пуштат да живееме на слобода“,
рече тој.
Додик ја спореди војната во Украина со ситуацијата во Босна и Херцеговина и рече дека Русија на чело со Владимир Путин прави сè што е можно за да го заштити руското малцинство во Украина и тоа во вистински момент и време, притоа велејќи дека жали што сепак мора да има настрадани во конфликтот, но оти Русија не смеела да дозволи НАТО да се постави во близина на Москва.
Во однос на Европската Унија, Додик кажа дека иако тоа е стратешка цел за Србија, таа е лицемерна, што докажала токму со примерот на Македонија.
„Ние го почитуваме изборот на Македонија и политичките насоки по кои се движи, но ние Србите, по бомбардирањето од страна на НАТО, не можеме да бидеме членки на НАТО, ниту Србија ниту Република Српска. Ние сме на европскиот пат, но гледаме дека таа Европа најмногу се посрамоти со Македонија која направи многу отстапки, а за возврат доби малку од Европа и мораме еден ден да застанеме и да размислиме дали овој пат треба да продолжи, бидејќи што ни дава Европа? Начин на живот, добро, но што остана од неа, од тие вредности? Дали Европа има лидер – нема. Дали има суровини – нема. Европа ја изгуби глобалната конкурентска способност и затоа треба да се свртиме кон себе, кон нашите најблиски и да ги градиме животите во мир и сигурност“,
кажа Додик.
Покрај Додик, на Светосавската академија присуствуваа многубројни челници од Република Србија, како министерот за одбрана Братислав Гашиќ и министерот за култура Никола Селаковиќ. Од Црна Гора, присутен беше претседателот на Собранието, Андрија Мандиќ.
Во МНТ, заедно со архиепископот г.г. Стефан, поглавар на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија присуствуваше и патријархот на Српската православна црква, Порфириј.