Според МВР, првоосомничениот набавил и упатства за изработка на импровизирани експлозивни направи што потоа би ги искористиле за извршување на терористички напади, а се обидел да набави и огнено оружје
Четири лица се уапсени и одреден им е 30-дневен притвор поради основано сомнение дека сториле кривично дело терористичка организација, соопштија денеска од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и Министерството за внатрешни работи (МВР).

Акцијата била спроведена вчера, кога на пет локации во Скопје и Гостивар при извршени претреси биле пронајдени и одземени автоматска пушка, пиштол, пропаганден материјал, телефонски апарати, компјутерска опрема и други предмети.
Операцијата под раководство на надлежен јавен обвинител од ОЈО ГОКК ја спровеле Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и одделите за сузбивање организиран и сериозен криминал и за специјални полициски операции при МВР, а е во рамките на активностите што овие институции почнаа да ги преземаат декември лани, поврзани со превенција и сузбивање на заканите од тероризам.
„Акцијата е резултат на преземените дејствија на Лабораторијата за дигитална форензика при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, каде се откриени повеќе групи на социјалната мрежа Телеграм во кои осомничените споделувале претходно набавен и преведен пропаганден материјал на ИСИС (Исламска држава) и регрутирале нови членови“,
се наведува во соопштението од ОЈО ГОКК.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, кое ја поднело кривичната пријава, за првопријавениот во случајот постојат сомневања дека создала терористичка ќелија во која што активно учествувале останатите тројца пријавени.
Намерата, според МВР, „им била извршување терористички акт на цивилни или таканаречени меки цели, односно јавни објекти на територија на Република Северна Македонија со намера да се создаде чувство на несигурност или страв кај граѓаните“.
„Ќелијата дејствувала од позиција на идеолошката матрица на познатата терористичка организација ИСИС и за остварување на намерата првопријавениот формирал повеќе групи на социјалната мрежа Телеграм, во кои што споделувал претходно набавен и преведен пропаганден материјал на ИСИС и регрутирал нови членови“,
се вели во соопштението на МВР.
Тој набавил и упатства за изработка на импровизирани експлозивни направи кои што потоа ќе ги искористат за извршување на терористички напади, а се обидел да набави и огнено оружје, додаваат од Министерството.
Другите членови биле дел од телеграм групите, каде што се споделувале преведените материјали.
По кривичната пријава од МВР, јавниот обвинител од ОЈО ГОКК донел наредба за спроведување истражна постапка против четворицата уапсени, а судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје на предлог на обвинителот им одредил 30-дневен притвор.
Тројцата гостиварци и едно лице од Струга на 15 декември беа уапсени во полициска акција, а еден ден потоа завршија во притвор, исто така, поради поврзаност со тероризам. И тие, како и четворицата уапсени вчера, според истражните органи биле под влијание на идеологијата на Исламска држава и имале намера да извршат терористички напади на цивилни и јавни објекти.
Првоосомничениот меѓу уапсените во декември, 21-годишен гостиварец, исто така ги ширел намерите преку повеќе групи на социјалната мрежа Телеграм, каде што споделувал и пропаганден материјал на „Исламска држава“.
