Грчката влада денеска го презентираше планот за туризам наречен „Restart tourism“. Тој прдвидува дека од 15 јуни во Грција преку копнените гранични премини ќе може да влегуваат туристи од државните со добри епидемиолошки карактеристики. Балканските земји, најави министерот за туризам Харис Теохарис, може да бидат меѓу првите за кои ќе биде дозволен влез.
Нема да се бара од странците да имаат негативен тест за ковид-19, ниту пак, ќе постои карантин.
Сепак, рече Теохарис, грчките здравствени власти ќе ја задржат можноста да прават тестови по случаен избор за епидемиолошки да следат што се случува.
„Ако ситуацијата е како што е сега, сигурни сме дека од балканските до балтичките земји, еден пример е Бугарија, ќе бидат меѓу првите земји со кои ќе можеме да го обновиме поврзувањето“,
рече Теохарис.
Листата на земји од кои ќе биде дозволен влез ќе се изработи во соработка со комисија од епидемиолози.
Отворањето на копнените граници е дури третата фаза од планот за рестартирање на туризмот. Од 25 мај Грција ќе дозволи возење со јахти, а од 1 јуни ќе ги отвори камповите и хотелите.
Понатаму, од 1 јули, Грција ќе дозволи и летови од странство кон сите аеродроми во земјата.
На туристичките дестинации ќе бидат зајакнати здравствени капацитети, ќе има посебни простории за карантин во случај да се појави позитивен случај, а туристичките објекти ќе имаат соработка со лекар,
За хотелите, автобусите и јавниот транспорт ќе има посебни здравствени протоколи, а тие ќе бидат преточени во закон кој следните денови ќе се гласа во грчкиот Парламент.