Најавата за тужба доаѓа откако српскиот претседател Александар Вучиќ вчера во гостување на телевизијата „Хепи“ ја обвини Ковачевиќ дека таа сама го избирала победникот на натпреварот за избор на песна на Евровизија и оти е дел од опозициската елита која повикува на негова смрт
Новинарката на Радио Телевизија Србија (РТС), Оливера Ковачевиќ ќе поднесе тужба против претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ. Како причина во писмото кое беше објавено од Здружението на новинарите на Србија, Ковачевиќ наведува дека од страна на Вучиќ била злонамерно обвинета дека е блиска до Демократската партија и партијата на Драган Ѓилас, дека го откажала гласањето на Евровизија и оти е дел од елитна група кои како што кажа Вучиќ во гостување на телевизија „Хепи“, се договараат кој ќе владее во Србија.
Ковачевиќ вели дека таа долго време не се занимава со информативна програма и оти Вучиќ е добро запознаен со фактот зошто нејзината емисија „Да, можеби не“ била укината и зошто таа сега е само уредник во забавната програма.
„Докажавме дека во Србија, барем за Евровизија, може да се гласа фер, и дека сите учесници се натпреваруваат под еднакви услови. Дали ја разбирате оваа мала асоцијација? Инаку, претставниците на вашите омилени таблоиди Информер, Ало, Хајп ТВ на Саша Мирковиќ и пејачот Аца Лукас упатија слични обвинувања за „средување“ на победникот на моја сметка, па сите ги добив на суд. Се надевам дека ќе се појавите на суд со поцврсти аргументи, бидејќи наскоро ќе поднесам тужба против вас поради изнесените лаги“,
изјави Ковачевиќ.
Новинарката рече и дека се плаши поради обвинувањата дека е дел од некоја елита која сака да го убие Вучиќ и со тоа да одреди кој ќе биде на власт во Србија.
„Не за тебе. Ќе ја надживеете сопствената биографија. Се плашам за земјата во која живеам. Се плашам за медиумите кои се прегазени и станаа бараки. И за крај, ве поздравувам со студентски поздрав – вие не сте одговорни“,
кажа Ковачевиќ.
