Денешниот протест започна пред министерството за образование во Белград и траеше симболични 45 минути, колку што трае и еден училиштен час
Собраните студенти и граѓани, кои неколку недели им даваат поддршка на студентите во протестите низ повеќе градови во Србија, носеа транспаренти со натписи на кои стоеше – „Генерален штрајк“ и „Оваа лекција не се прескокнува“, алудирајќи на нивните апели второто полугодие од учебната година за основците и средношколците, кое би требало да започне утре, да се одложи на неодредено.



Во Белград беше блокирана улицата „Немањина“, каде што се наоѓа министерството за образование, додека, пак, во Нови Сад, стдентите и дел од учениците во средните училишта го одржаа протестот на Плоштадот на слободата, а потоа одржаа „јавен час“ пред зградата на Училишната управа. Студентите во знак на поддршка на просветните работници изјавија дека на први ноември запрело времето, а на дваесетти јануари образованието треба да застане бидејќи, како што велат, „без право на мисла, нема образование“.
Дел од студентите продолжуваат со блокади на факултетите во Србија тврдејќи дека нивните барања не се исполнети, додека, пак, претставниците на власта велат оти сите барања кои тие ги изнеле на почетокот на протестот, се веќе исполнети.
Вчера, собранието на Адвокатската комора на Србија на вонредна седница донесе одлука да се прекине работата на адвокатите во земјата на седум дена, пренесоа српските медиуми. Како причина се наведува „поддршката и придружувањето кон барањата на студентите“. Најавено е дека прекинот на работата ќе трае до 26 јануари.
Претходно, студенти од правните факултети во повеќе градови на средби со адвокатите им предале писмо во кое бараат нивна поддршка, пренесе Радио Слободна Европа на српски јазик, повикувајќи се на агенцијата Бета.
Во писмото студентите напишале дека се свесни оти не можат сами да предизвикаат промена и дека на адвокатите им подаваат рака за да ги охрабрат во донесувањето одлука што би придонела за општествена преродба.
Адвокатите во декември 2024 години ја прекинаа работата на еден ден, протестирајќи, како што рекоа, против селективното процесуирање на одговорните за инцидентот во Нови Сад и за носењето закони без доволно јавна расправа.
Несреќата во Нови Сад од 1 ноември минатата година, во која по падот на натстрешница на неодамна реконструираната железничка станица загинаа 15 луѓе, предизвика протести низ Србија што сè уште траат. Студентите од повеќе од 60 факултети бараат одговорност за случајот. Протестите се одржуваат со 15-минутна тишина секој ден во 11:52 часот, времето кога се случи несреќата. На студентите им се придружуваат професори, интелектуалци и други лица и групи.