Трите заложнички поминаа речиси петстотини дена во заробеништво, и се првите од вкупно триесет и три кои треба да бидат ослободени од Хамас во првата фаза од договорот со Израел
По речиси петстотини дена живот во заробеништво во Појасот Газа, трите израелски заложнички Дорон Штајнбрехер, Емили Дамари и Роми Гонен конечно се ослободени од Хамас, објавија израелските власти. Трите заложнички се првите од вкупно 33-те кои треба да бидат ослободени во согласност со првата фаза од договорот за прекин на огнот помеѓу Израел и Хамас во Појасот Газа. Меѓународниот комитет на Црвениот крст обелодени дека нивни претставници веќе ги презеле трите заложнички и оти тие се движат кон Израел.
Според договорот, Црвениот крст треба да ги предаде трите заложнички на израелската армија во Појасот Газа, а оттаму со воено обезбедување ќе бидат пренесени во воен објект во Израел, по што ќе се упатат кон болница во Тел Авив, каде што треба да остварат средба со нивните родители.

Согласно првата фаза од договорот за примирје меѓу Хамас и Израел што стапи во сила денеска, се предвидува ослободување на 33 израелски заложници држени во Газа, во замена за 1 904 палестински затвореници во израелските затвори. Договорот предвидува и повлекување на израелската армија од густо населените области на Појасот Газа.
Од кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објавија дека договорениот прекин на огнот стапи во сила во 11:15 часот денеска.
Пред да биде доставен списокот со заложници што треба да бидат ослободени, Израел продолжи со нападите на Газа. Образложението беше дека Хамас не ја исполнил својата обврска да ги даде имињата на тројцата заложници што требаше да ги ослободи подоцна во текот на денот во замена за голем број палестински затвореници.
Портпаролот на израелската војска, Даниел Хагари, рече дека Хамас не ги исполнува своите обврски да ја испрати листата на заложници во Израел и оти прекинот на огнот нема да стапи во сила сѐ додека Хамас не го заврши тоа, а дека дотогаш Израел ќе продолжи да напаѓа.
Дел од договорот за прекин на огнот предвидува имињата на заложниците што треба да бидат ослободени, да бидат дадени најмалку 24 часа однапред.
Хамас претходно изјави дека причината за одложувањето е „комплексноста“ во Газа и израелските напади.
Договорот за прекин на огнот доаѓа во три фази. Во првата фаза од договорот за прекин на огнот, 33 заложници треба да бидат ослободени во текот на шест недели во замена за стотици Палестинци затворени од Израел. Останатите ќе бидат пуштени во втората фаза.