Министерот за здравство Венко Филипче смета дека сѐ уште е рано да се отворат границите затоа што на тој начин можно е огромен дел од мерките и бенефитите на националните стратегии да паднат во вода.
Тој инсистира отворањето на границите да биде координирано со соседните земји, а нашата земја сега го чека одговорот од Грција по неговата посета и разговорите во Атина.
„Сметаме дека отворањето на границите мора да биде координирано, ако ништо друго, помеѓу соседните земји и тоа беше причина за посетата на Грција и работите кои таму ги дискутиравме во однос на начинот на кој ќе се поминува границата, за евентуалните тестови и за евентуалниот начин за бесплатна здравствена заштита доколку при престој во некои од овие земји некој се зарази со коронавирус. Испративме официјално писмо до грчкото Министерство за здравство со кое ги формализиравме сите овие поенти кои ги разговаравме за време на состанокот и го чекаме нивниот одговор“,
изјави Филипче денеска, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој додаде дека иако Србија донела одлука да се отворат границите, за нашите услови, тоа е уште рано, иако како влада одговараат на сите барања за патувања на поединци во странство или странци кои доаѓаат кај нас.
„Во моментот кога ќе се отворат границите навистина огромен дел од мерките и бенефитите на националните стратегии можно е да паднат во вода. Затоа сметам дека треба многу внимателно да се пристапи кон ова прашање, нема потреба од брзаме. Ние имаме систем во кој што одговараме на апсолутно сите барања за патувања на поединци кои треба да патуваат во странство или странци кои доаѓаат кај нас или наши луѓе кои се враќаат во нашата земја преку централниот штаб во Владата. Но мислам дека многу внимателно треба да се пристапи на прашањето“,
рече тој.
*Поврзани вести
Филипче за Сител: Следната недела ќе го објавиме документот за тоа како ќе се патува во Грција
Задолжителниот државен карантин ќе се укине кога ќе се отворат границите, најави Филипче