Тимовите за пребарување, според хрватски „Индекс“, денеска ќе ја прошират потрагата и на Сисачко-мославинската жупанија
Мајката, која со детето завчера влегла во реката Сава, е уапсена и осомничена за тешко убиство на блиско лице
Хрватската полиција и останатите спасувачки служби од рано утринава ја продолжиле потрагата по тригодишното дете во реката Сава, која синоќа била прекината поради лошите услови, потврдила полицијата во Загреб, пренесува ХРТ.

Денеска е трет ден како се трага по исчезнатото дете, а во потрагата е опфатено целото течение на реката Сава во Загреб и Загрепската жупанија.
Потрагата почна откако полицијата вчера соопшти дека 34-годишна жена во средата пријавила дека со дете в раце влегла во реката Сава, кај мостот Јанкомир. Станува збор за мајката на детето, а полицијата, како што пренесуваат хрватските медиуми, ја исклучила можноста дека станува збор за несреќен случај. Жената е уапсен и осомничена за тешко убиство на блиско лице.
„На 15 јануари во 16 часот и 10 минути, полицијата постапила по пријава од 34-годишна жена која со дете во рацете влегла во реката Сава кај мостот Јанкомир. На жената и е укажана лекарска помош, додека биле преземени интензивни мерки за пронаоѓање на детето. По укажаната лекарска помош, 34-годишната жена синоќа е уапсена и донесена во полициска управа за кривична истрага поради сомнение за сторено кривично дело тешко убиство на блиско лице“,
се вели во соопштението на загрепската полиција.
Спасувачките тимови, вклучително и полицијата, пожарникарите и припадниците на Хрватската планинска служба за спасување (ХГСС), го пребаруваат коритото на реката користејќи чамци, дронови и подводни скенери.
Министерот за внатрешни работи на Хрватска, Давор Божиновиќ, појасни дека во потрагата се користат 11 чамци и осум дрона и дека засега нема траги од детето.
Од Хрватскиот завод за социјална работа за ХИНА потврдија дека семејството на 34-годишната жена не е третирано од надлежните подрачни служби ниту, пак, се преземени мерки за семејна правна заштита.
Во полиција на распит бил и нејзиниот сопруг, а, според хрватските медиуми сослушани се и повеќе други лица кои би можеле да и помогнат на полицијата во истрагата.
Тимовите за пребарување, според хрватски „Индекс“, денеска ќе ја прошират потрагата и на Сисачко-мославинската жупанија.
Сè уште останува нејасно од кои причини 34-годишната жена влегла во водите на Сава со тригодишното дете.
